Акредитираниот адвокат на Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг, Таулјант Ходај, денес изјави дека судењето на поранешните водачи на ОВК може да трае до 10 години, односно до 2030 година, пренесува косовскиот портал Репортери.
Зборувајќи за судењата во Хаг, Ходај за РТК рече дека постапките на тоа ниво траат во просек пет години.
„Ако ги земеме предвид претходните судови, просечното судење ќе биде пет години, додека за поранешните водачи на ОВК, Тачи, Весели, Селими и Красниќи, судењето може да трае до 10 години, бидејќи тоа е многу сериозен случај“, рече Ходај.
Тие беа уапсени на почетокот на ноември и беа екстрадирани во Хаг, каде што се во притвор.
Обвинети се за 10 точки за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени преку заедничко злосторничко дело, заедно со голем број други припадници на ОВК.