Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, изјави дека „Грција, администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар и некои членки на Европската Унија (ЕУ) ги пренесуваат проблемите со Турција во ЕУ и оти тоа влијае на односите меѓу Турција и ЕУ”, јави агенцијата Анадолија.
Истакнувајќи дека случувањата во Источниот Медитеран и Егејот влијаат на односите меѓу Турција и ЕУ, Чавушоглу рече дека „двојката Грција и администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар не се сами”.
– Некои земји членки, билатералните проблеми со нашата земја ги пренесуваат во Европската Унија (ЕУ). Ставиле таканаречена маска за солидарност меѓу членките. Постојано нè злоупотребуваат. ЕУ мора да се врати од таа грешка. Ако успеат во тоа, од нашата соработка придобивки ќе има цела Европа. Ако не успеат цела Европа ќе има штета. Очекуваме ЕУ да ги разбере грешките што ги направи и да ја види вредноста што Турција ќе ја даде на Унијата како членка. Во тој случај, веруваме дека може да воспостават попродуктивни односи за двете страни. Во нашите контакти со ЕУ, ја потенцираме нашата желба да бидеме во конструктивен дијалог, рече шефот на турската дипломатија.
Наведувајќи дека Турција не е сама во овој поглед, Чавушоглу додаде дека голем број земји членки на ЕУ се свесни за тоа дека дијалогот со Турција е важен за стабилноста на Европа.
Турскиот министер истакна дека во односите со Соединетите Американски Држави остануваат предизвиците и потенцијалните можности, додавајќи дека и покрај различните ставови за прашањата за Сирија и особено за Либија, кои се однесуваат на регионалниот мир и безбедноста, Турција како членка на НАТО и дејствува во консултации и координација со САД.
Наведувајќи дека некои негативни фактори, кои се наоѓаат во агендата, ги засенуваат односите, Чавушоглу рече дека „САД не презедоа чекори против ФЕТО, не го прекинаа партнерството со ПКК/ПЈД/ЈПГ, не го оставија настрана речникот на санкции и закани.”
Чавушоглу порача дека изборниот период и политичката поларизација во САД го отежнуваат ефективното реализирање на дијалогот потребен за надминување на проблемите.
– Изборите во САД се одржаа. Ќе вложиме неопходни напори поради стратешкиот интерес на двете земји да ги подобриме нашите односи, ја пренесува Анадолија неговата изјава.
Чавушоглу денеска на собраниска Комисија за планирање и буџет го претстави буџетот на Министерството за надворешни работи за 2021 година.