Гимназијата „Орце Николов”-Скопје и Амбасадата на Франција денеска организираа вебинар за билингвалните паралелки во државата, на кој учествуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска. Како што соопшти Министерство за образование и наука, Царовска се заблагодари на Француската амбасада која поддржа низа проекти креирани од наставниците и учениците со кои создадоа франкофонска мрежа од активни млади лица и идеи за подобра иднина на сите.
– Билингвалното образование се покажа досега како вистински репрезент на интеркултурализам, на учење за културата на францускиот народ, но и на пошироките европски вредности. Поддршката на ваков тип проекти е поддршка за прифаќање глобални трендови и култури што се многу важни за развојот на новите генерации млади, рече Царовска. Министерката истакна дека голем број ученици од овие паралелки во изминатите години го продолжија своето образование во најпознатите академски центри на Франција и донесоа нови практики и нов пристап во креирање општествени и образовни политики.
– Имаме чест, исто така, дел од тие ученици и сега да бидат вклучени во креирањето на новите реформи за средно образование, преку анкети со кои даваат несебичен прилог да научиме и ние нешто од францускиот концепт за образование, рече Царовска.
На вебинарот учествуваа и амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и директорот на гимназијата „Орце Николов” Митко Димовски.