Владата на Република Северна Македонија на денешната 24 седница го утврди текстот на Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистерски таблици со одлука да биде доставен на усвојување во Собранието, соопшти владината прес-служба.
Целта на овој Предлог-закон е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи.
Одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври оваа година и со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година.
Предлог-законот ги опфаќа моторните возила за превоз на патници (категорија М), возилата за превоз на товар (категорија N), возилата на две и три тркала и квадрацикли (категорија L) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О).
Со оваа мерка ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на овие возила во сообраќајот и приход на средства кон буџетот и домашната економија во висина од 25 милиони евра кои ќе бидат наменети за проекти од интерес на граѓаните.