Лидерот на владејачкиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа смета дека прашањето на избор на претседател на државата, по оставката на Хашим Тачи од таа функција, треба да се реши без да се оди на предвремени парламентарни избори. Во обраќањето пред новинарите по денешната средба со пратениците на малите етнички заедници во Собранието на Косово, Мустафа најави дека прашањето на шефот на државата ќе биде разгледано на седница на партиското Претседателство на почетокот на идниот месец.
Според лидерот на ЛДК, во партијата досега не станало збор за конркетно име за наследник на Тачи.
– Не сме разговарале за претседателот се уште. Меѓутоа, според нас, тоа прашање треба да се реши што поскоро, а не да се оди на избори. На почетокот на декември ќе се собере Претседателството за да расправа за претседателот, изјави Мустафа.
На почетокот на месецов досегашниот претседател Хашим Тачи поднесе оставка, откако Меѓународниот суд за Косово го потврди обвинението против него за воени злосторства врз цивили во војната од 1998-99 година.
По неговата оставка, должноста шеф на државата ја презеде собраниската спикерка Вјоса Османи, која, согласно косовскиот Устав, таа функција ќе може да ја врши најмногу шест месеци, односно до именувањето на новиот претседател на државата, кој се избира од Собранието.
За таа функција може да се номинира кандидат или кандидатка на предлог на 30 пратеници, а еден пратеник може да потпише предлог само за еден кандидат.
Изборот на претседател се врши со две третини од гласовите на сите пратеници во Собранието. Доколку ниеден од кандидатите не ги добие потребните гласови, тогаш во третото гласање се избира со просто мнозинство еден од двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во претходните гласања.