Неколку дена се изминати од почетокот на кризната состојба во државава. Сè што се работи се прави врз основа на проценка, односно на тоа што ќе го препорача Кризниот штаб, што ќе го разгледа Управувачкиот комитет и ќе го одобри Владата.
Ова денеска го истакна портпаролот на Владата, Душко Арсовски, кој рече дека од тоа што досега го имаат како информација е донесена одлука што се однесува за распоредување на војниците и полицајците, бројката нивна во обезбедување на здравствените објекти. Значи, посочи, тоа е донесено врз основа на некаква проценка.
– Бидејќи во секојдневна координација е Кризниот штаб сигурно дека ќе информираме за сите наредни чекори, потенцира Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата.
На прашање кога Владата планира да ги врати редовните прес-конференција за Ковид ситуацијата тој рече дека ја поддржуваат таа иницијатива.
– Постојат многу начини во меѓувреме да се информирате. Министерот за здравство е постојано достапен. Оваа идеја ќе ја разгледаме и се надевам дека ќе биде воспоставена како пракса. Впрочем и овие редовни прес-конференции на Владата може да бидат искористени за такви теми, додаде Арсовски.