Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вечерва потврди дека новите построги мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот ќе траат до католичкиот Божиќ на 25 декември, но не ја исклучи можноста тие да траат подолго доколку тоа го побараат здравствените власти.
Пленковиќ пред новинарите во хрватскиот Парламент рече дека утре ќе зборува попрецизно за новите мерки и оти министерот и шеф на Националниот штаб Давор Божиновиќ сепак ќе се консултира со претставниците на жупаниите во врска со ова.
– Мерките ќе траат до пред Божиќ. Тоа не е толку далеку. Ако епидемиолозите побараат, можат да траат и подолго, додаде тој.
Според Пленковиќ, Владата во текот на пандемската криза покажала дека се грижи за претприемништво.
– Ќе најдеме и ќе настојуваме да најдеме решенија, рече хрватскиот премиер и на прашањето дали државата има пари за тоа, тој рече: „Ќе има”.
Зборувајќи за вакцината, Пленковиќ рече дека некои родители не сакаат да ги вакцинираат своите деца ни против сипаници, а сега тука е и вирусот.
– Ќе има многу од оние кои ќе го преиспитаат тоа. Ќе разгледаме задолжителна вакцинација. Немам ништо лично против вакцината, но ги следам реакциите во јавноста, рече Пленковиќ.
Коментирајќи го фактот дека мерките се заоструваат двапати за седум дена, Пленковиќ рече дека епидемиолошката состојба постојано се разгледува.
– Тогаш реков дека треба да воведеме мерки и да ја следиме ситуацијата и да размислиме за воведување нови мерки, изјави хрватскиот премиер.