До сега не е евидентиран случај поврзан со застапување во прашањата од областа на животната средина и не е користен механизамот за бесплатна правна помош во таа цел. Генерален заклучок кај сите даватели на бесплатна правна помош е дека е потребна поголема афирмација, поголема едукација и треба да се направат напори од сите страни за да заживее овој механизам и во таа област. Има огромно поле за работа, но најважно е едукацијата да не изостане. Сите имаат недостиг од доволно информации од примената на ваквите механизми надвор од земјава. Едукацијата е клучна и низ примери на позитивна пракса да се обидеме да го ставиме во функција самиот механизам во заштитата на животната средина.
Ова денеска го соопшти Кирил Ристовски, претседател на Здружението на граѓани Центар за еколошка демократија Флорозон на четврта средба на Националното координативно тело, организирана од страна на Здружението на граѓани Центар за еколошка демократија Флорозон, во рамки на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда”. Проектот е финансиран од Европската Унија преку грантовата шема на ЦФСД во Министерството за финансии – „Зајакнување на влијанието на граѓанското општество врз ефективните реформи во правниот сектор” EuropeAid/159467/ID/ACT/MK, број на договор 12-6208/1.
Ристовски ги сподели нивната искуства од теренската кампања спроведена изминативе месеци и од промоцијата на механизмот за бесплатна правна помош. Посочи дека имале непосредни средби и состаноци со професионалните здруженија кои пружаат бесплатна правна помош и се во регистарот на даватели на помош во рамки на Министерството за правда.
Тој информира дека во Тетово организацијата ЦРЈУЖ, кои се даватели на ваква помош, застапувале случаи поврзани со животна средина, но не бил применет механизмот за бесплатна правна помош затоа што во периодот додека тие делувале и имале судски случаи, било на сила старото законско решение.
Дел од учесниците посочија дека здруженијата се отворени за тестирање на законот, потребна е едукација на луѓето, особено на маргинализираните граѓани кои се соочуваат со многу предизвици, нивна едукација и изнаоѓање граѓани кои сакаат да го тестираат овој механизам на бесплатна правна помош и кои би побарале бесплатен адвокат преку овластени здруженија или подрачните одделенија на Министерството за правда. Предложија повеќе да се вклучи лекарската фела во земјава и Лекарската комора.
Поради пандемијата со Ковид-19, четвртата национална координативна средба во рамки на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда” денеска се одржа онлајн. За 11 декември 2020 година е предвидена трибина за Законот за бучава, а на 18 декември 2020 годиан ќе биде завршната конференција за овој проект со меѓународни говорници.