Прес-конференција, Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ
„Предлог Буџетот за 2021 година доставен до Собранието од страна на Владата ја потврдува заложбата на СДСМ за силна и навремена помош и поддршка на сите погодени од коронакризата.
Грижата за сите продолжува, а доказ за тоа е и Буџетот за 2021 година на Министерството за труд и социјална политика, проектиран на 53,1 милијарда денари. Дел од овие средства ќе се искористат за полесно надминување на негативните последици од коронакризата.
Истовремено, продолжува и реализацијата на капитални инвестиции и објекти, за што од Буџетот на Министерството предвидени се 100 милиони денари, од кои 93,9 милиони за градежни објекти и 6,1 милион за набавка на опрема. Следната година предвидено е да заврши изградбата на 14 градинки, а во постапка е подготовка на Програмата за отпочнување на изградба на нови објекти за згрижување на деца.
Целта е да се овозможи пристап на деца од предучилишна возраст и во руралните средини, односно во средини каде досега немало градинки. Во делот за социјални надоместоци во Буџетот за наредната година предвидени се 10,5 милијарди денари. Со овие средства ќе се опфатат околу 300.000 корисници. Обезбедени се средства за зголемување на бројот на домаќинства приматели на гарантиран минимален приход за дополнителни 5.000 домаќинства, со што вкупната бројка на домаќинства опфатени со оваа мерка ќе биде 36.500. Во време на сериозна криза, се обезбедуваат значителни средства за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, во износ од 538 милиони денари, со што ќе се поддржи отворањето на нови работни места.
Буџетот за 2021 година не само што обезбедува санирање на последиците од коронакризата, туку со него продолжуваме да ја намалуваме невработеноста, да се грижиме за најмладите, да обезбедиме редовна исплата на социјалните права, но и да ја продолжиме и социјалната реформа. Со Буџетот за 2021 година, државата покажува дека има капацитет и волја да застане зад секој кој има потреба од помош. Затоа е важно овој Предлог Буџет да биде усвоен од страна на сите пратеници во Собранието, за грижата за граѓаните да продолжи уште повеќе и уште подобро.