Одлуката за рестриктивните мерки што важат сега, ќе биде продолжена до 6 декември, рече, меѓу другото, генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи на Грција Панајотис Стамбулидис во интервјуто за грчката телевизија „Скај”, јави дописничката на МИА од Атина.
Стамбулидис го потврди она што го споменуваа и други претставници на грчката Влада дека карантинот во Грција, сепак нема да заврши на 30 ноември, како што првично беше одлучено.
Објасни дека економијата ќе почне постепено да се отвора, со конкретни правила по укинувањето на рестриктивните мерки, но кога тоа ќе биде одобрено од епидемиолозите.
Препораките на епидемиолозите ги очекува и Министерството за образование на Грција во однос на тоа кога ќе се отворат училиштата, кои веројатно ќе бидат меѓу првите што ќе се вратат во новата нормалност.
Министерката за образование Ники Керамеос во интервју за државната телевизија „ЕРТ” рече дека приоритет е да се отворат училиштата, „бидејќи ништо не може да ја замени наставата со физичко присуство на учениците”.