Франција следниот викенд ќе почне со олабавување на мерките против ширењето на коронавирусот, за до Божик продавниците, театрите и кината да можат да бидат отворени.
Попуштањето на мерките ќе им овозможи на граѓаните да ги поминат празниците со своите семејства, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој синоќа во телевизиско обраќање до нацијата, истакна дека поминал најлошиот период од вториот бран во Франција, но и дека угостителските објекти ќе мораат да останат затворени до 20 јануари, за да се избегне трет бран.
„Мораме да направиме се што е можно за да избегнеме трет бран, да направиме се за да избегнеме трет локдаун“ порача Макрон.
Тој додаде дека вакцинацијата, најпрво со најранливите групи на население, ќе започне кон крајот на декември или почетокот на јануари.
Рестриктивните мерки кои француските власти во повеќе градови ги воведоа на средината на октомври, не ги дале очекуваните резултати во спречување на пандемијата, по што на 30 октомври беше воведен строг локдаун, кој сепак е помалку рестриктивен од оној кој беше воведен меѓу 17 март и 11 мај.