Предизвиците, можностите и ефектите од ковид-кризата кон бизнисите ќе бидат во фокусот на третата годишна конференција за е-трговија во земјава „Е-трговија и Ковид-19: Предизвици и можности!”, што денеска и утре ќе се одржува онлајн.
Организатор е Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Конференцијата ќе изобилува со богата дводневна програма што се состои од повеќе од 30 домашни и странски експерти од 10 различни држави во светот, кои ќе го пренесат своето искуство и знаење преку клучни говори, панел дискусии и неформални разговори, на различни теми поврзани со интернет продажба, ставајќи го во фокус влијанието на пандемијата врз растот на е-трговијата. Конференцијата ќе биде збогатена и со забавни делови каде што ќе се доделуваат вредни награди за учесниците.
-Третата годишна конференција за е-трговија претставува уникатна прилика да се добијат совети за раст и развој на бизнисот и да се слушне од прва рака искуството од реномираните меѓународни и домашни експерти со користење на електронска трговија, како и да се дознаат начините за зголемување на онлајн безбедноста, збогатување на корисничкото искуство во периодот на глобалната пандемија и можностите кои ги нуди меѓуграничната е-трговија, велат организаторите.
На конференцијата ќе учествуваат Јориј Абрахам, директор на европската Е-commerce foundation што ги обединува сите асоцијации за е-трговија во Европа, Барбара Сеса, одговорна за дигитални производи за Европа во Мастеркард, Хауард Кингстон, кој е истакнат ветеран и маркетинг експерт, Тобјорн Фредриксен кој го води одделот за анализа на ИКТ во Конференцијата на ООН за трговија и развој (УНКТАД) и многу други истакнати странски и домашни говорници.