Израелските одбранбени сили во изминатите недели добиле инструкции да се подготват за можноста ако САД извршат воен напад врз Иран пред претседателот Доналд Трамп да ја напушти функцијата, тврдат високи израелски официјални лица.
Израелската Влада и наложи на армијата да ги преземе подготовки не заради какво било разузнавање или проценка дека Трамп ќе нареди таков напад, туку затоа што високи израелски официјални лица предвидуваат „многу чувствителен период” пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден на 20 јануари.
Мерките за подготвеност на армијата се однесуваат на можна иранска одмазда против Израел директно или преку ирански „полномошници” во Сирија, во Појасот Газа и во Либан, соопштија израелските власти.
Минатата недела, „Њујорк тајмс” објави дека Трамп на состанок со високи членови на неговиот тим за национална безбедност ја истакнал можноста за напад врз иранскиот објект за збогатување ураниум во Натанц. Трамп ја покрена идејата откако беше информиран за извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија дека Иран ги зголемил резервите на збогатен ураниум, додека потпретседателот Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео предупредија на ризиците од регионална ескалација.
Весникот истакна дека Трамп бил убеден дека ќе биде премногу ризично директенн напад врз Иран, но разгледа и други опции.