Во Европскиот парламент попладнево се одржа дебата за унгарското финансирање на медиуми во Северна Македонија и Словенија, на која од еврокомесарката за правда беа побарани јасни мерки за спречување на овој потег на унгарските власти, јави дописничката на МИА од Брисел.
На барање на неколку европратеници, по словенечки новинарски истражувачки стории за „нејасни” финансирања на медиуми од страна на кругови блиски на унгарскиот премиер Виктор Орбан, денеска потпретседателката на Европската Комисија задолжена за правда Вера Јоурова, присуствуваше на дебата на оваа тема и одговори на прашањата на пратениците.
Холандската европратеничка Кати Пири, истакна дека Орбан во Северна Македонија и Словенија финансира медиумски организации „про Груевски и про Јанша”.
– Скандалозните пропагандистички напори на Орбан во Северна Македонија и Словенија се само видливиот дел од сантата мраз, Орбан има една цел – а тоа е да ја поткопа ЕУ за своја лична корист, тој се обиде да го урне македонскиот премиер Заев и му додели азил на Никола Груевски, тој се труди да ја попречи интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Прашувам кога Европската народна партија ќе и стави крај на оваа трнлива љубовна приказна со Орбан? Орбан за сега не успеа, но тој нема да застане додека ЕУ не преземете нешто, рече Пири и побара итно да се стави крај на мешањето на земја членка на ЕУ во внатрешните работи на Северна Македонија.
Пратеничките од Словенија, Тања Фајон и Ирена Јовева, на иста линија со нивната холандска колешка порачаа дека власта во Будимпешта и круговите блиски до Орбан имаат за цел да се мешаат во слободното новинарство во Словенија и Северна Македонија со политички мотиви.
– Унгарски компании спровеле најмалку една операција вредна четири милиони евра за финансирање на медиуми во Северна Македонија за да му се помогне на Груевски, ако е ова е вистина, тоа е срамно мешање во демократските процеси, рече Фајон, пратеничка и поранешна новинарка.
Ирена Јовева, словенечка пратеничка од редовите на Либералите која е со македонско потекло, потсети дека самите извештаи на ЕУ покажуваат влошување на состојбите во медиуми ширум Европа.
– Ова јасно се рефлектира преку унгарското мешање во медиумите во Словенија и Северна Македонија. Словенечката Влада, без поддршка од јавноста, се обидува да ја трансформира Словенија во нелиберално општество, ги загрозува медиумите и формира паралелни структури финансирани од Орбан за да ги поткопа темелните вредности на ЕУ, рече Јовева и побара од Европската Комисија да преземе одлучни мерки затоа што ова станува проблем за целата Европската Унија.
Потпретседателката на Европската Комисија, Вера Јурова, ги увери пратениците дека Европската Комисија „прави сѐ што може во рамките на нејзините надлежности”, кои не се многу големи во областа на слободата на медиумите, но порача дека Комисијата ќе продолжи да се заложува и поддржува независно и професионално новинарство.
– Задача на медиумите е да бидат чувари на демократијата, тие мора да нѐ контролираат нас што имаме моќ, демократскиот акциски план што ќе го предложиме ќе понуди неколку мерки за зајакнување на медиумите како чувари на демократијата, рече Јоурова.
Таа потсети дека новинарите и медиумите се во посебно тешка положба поради пандемијата од Ковид-19, поради што стануваат уште полесен плен за политички и економски притисоци.
– Кога медиумите се гладни тие немаат избор освен да земат пари од тие што сакаат да наметнат политичка агенда, така што мораме да сториме сѐ, системски мерки за да обезбедиме силни медиуми кои нема да паднат во финансиска замка, тие треба да имаат пари за да ја работат својата работа, порача Јоурова.
Таа побара да се гледа објективно на ситуацијата.
– ЕУ ги поддржува медиумите финансирани од странски чинители кога делуваат само како бизнис чинители, но кога тие имаат политичка агенда, тогаш нешто не е во ред, рече Јоурова.
Пратениците од десницата и екстремната десница од Словенија, Унгарија и Франција пред сѐ, изразија незадоволство што се одржува оваа дебата во Европскиот Парламент, нарекувајќи ја „циркус на кловнови”.
Од пратениците од партијата на словенечкиот премиер Јанез Јанша беше нагласено дека „90 отсто” од медиумите во Словенија „се левичарски” и дека е потребно воведување на рамнотежа во медиумскиот пејсаж.