Резолуцијата изгласана во францускиот Сенат со која се бара признавање на Нагорно-Карабах како независна земја е пристрасна и провокативна, соопшти Министерството за надворешни работи на Азербејџан.
„Најпрво, би сакале да нагласиме дека предлог- резолуција за ’потребата за признавање на Република Нагорно-Карабах‘, усвоен од францускиот Сенат, беше директно поставен од страна на група отворено проерменски сенатори“, велат од министерството.
Оттаму соопштуваат дека француските Ерменци го користат конфликтот во Нагорно-Карабах за изборни цели, додавајќи: „Прифаќањето на комплетно пристрасна резолуција од Сенатот може само да се смета како провокација“.
Иако резолуцијата усвоена од Сенатот не е правно обврзувачка, Министерството соопшти дека тоа фрла сомнеж на неутралноста на земјата со посредувачка улога.
„Исто така ја поткопува репутацијата на Франција како фер посредник во азербејџанското општество. Наместо да прифаќа пристрасни резолуции, вклучувањето на францускиот Сенат во активности кои служат за мир, стабилност и напредок во регионот би одговарало на интересите на Франција и би довело до одржлив развој во регионот“, се додава во соопштението.
Францускиот Сенат вчера усвои резолуција која повикува на признавање на Република Нагорно-Карабах.Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска ги окупира Нагорно-Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан и седум соседни региони. Новите судири избија на 27 септември и завршија по шест недели откако беше постигнато примирје со посредство на Русија.