Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски на Фејсбук го коментира интервјуто на премиерот Зоран Заев со порака дека сите обиди да се изместат фактите се реприза од минатото.
– Гоце Делчев е темелот и душата на нашата државност. Македонец со јасна визија за самостојна Македонија. Секој јазик е суштината за постоење на еден народ. Македонскиот јазик ниту бил ниту ќе биде дијалект, има своја посебност и кодификација, признаен, потврден и верификуван во светот. Македонија беше окупирана и поделена во втората светска војна од фашистичка Германија, Бугарија и Италија. Македонскиот народ и партизаните се кренаа на востание и во коалиција со антифашистите извојуваа победа над окупаторот. Куманово е ослободено на 11ти Ноември (Сабота) 1944 година од страна на 17-та и 18-та Македонска партизанска бригада. Куманово во НОБ даде над осумстотини партизански жртви и двојно повеќе цивили (наведени во спомен зборникот 1941 – 45).
Одлуките на АСНОМ и АВНОЈ ја потврдија државноста на Македонија а ние како рамноправен народ за прв пат добивме можност да формираме своја сопствена држава во рамки на Титовата федерацијата од која подоцна произлезе независна и суверена Македонија. Македонскиот народ и држава има сопствена историја која е дел од светската историографија, заедно чествуваме и одбележуваме заеднички настани и личности со сите пријатели но само со взаемно почитување и уважување. Сите обиди да се изместат фактите се само една реприза од минатото која се повторува на Балканот, како и да е, фактите остануваат и не се менливи. Влеговме во НАТО, чекориме кон ЕУ, таму е нашето место, само како достоинствени Македонци со своја сопствена генеза, порача Димитриевски.