Претседателот на Владата Зоран Заев денеска одговараше на повеќе новинарски прашања поврзани се некои аспекти на неговото интервју за еден медиум од Република Бугарија.
Во продолжение на ова соопштение ви ги пренесуваме одговорите на премиерот Заев:
Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори. Никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик. Прво благодарам на сите наши граѓани од другите етнички заедници албанската, турската, српската, влашката, бошњачката, ромската, од сите етнички заедници за оваа голема поддршка ни ја даваат секогаш исправени пред дигнитетот на својот сограѓанин, а тоа е нашиот македонски народ и Македонците како етникум, во овие констелации на преговори.
Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде во Европа и во светот. Таа е окупација, но не е причина да кажете дека цел еден народ, без разлика дали е македонскиот, албанскиот, бугарскиот, српскиот, дека е окупатор. Затоа велам администрација. Затоа што тогашното раководство на Бугарија, Царска Бугарија се приклучува и донела одлука да се приклучи на Третиот Пакт, како што знаеме сите и тоа е факт.
Но, денес да зборувате за фашистичка Бугарија, фашистичка Германија, да зборувате за цела една нација, да зборувате за денешните генерации, и како резултат на дел на предци кои тоа го направиле. Тоа не е поглед кон иднината. Затоа, прашањето е дали ги употребуваме вистинските зборови, за да градиме пријателство, да градиме мостови на пријателство или не. Треба да ги прифатиме историските факти, треба да ги признаеме грешките, да не заборавиме на минатото, но, секако да си простиме, да подадеме рака и да одиме заедно, заради тоа што тоа е најмалку што нашите деца го очекуваат од нас”.
Постојат факти кои што можат да ги потврдат сите, а тоа е дека Царска Бугарија 1941 година застанува на страната на Тројниот Пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги прашал Бугарите на референдум, ниту некој ги прашал каква е нивната определба за да можеме денеска цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. Тоа не е пријателство, тоа не е европски. Зарем заборавивме дека и во нашата Македонија и тогашна Југославија имаше соработници на окупаторите, на фашистите, домашни предавници. Тоа не ги прави ниту денешните Германци, Италијанци, Бугари, Јапонци или слично, фашисти. Европа ги реши прашањата на европски начин, треба и Балканот да ги реши прашањата на европски начин , ако сака да продолжи кон Европа. Да не заборавиме, но, да простиме. Да подадеме рака и да гледаме низ призмата на иднината. Затоа што, денеска треба да живееме, а треба да обезбедиме иднина за идните генерации”.
Ги видов и ги разбирам реакциите. Но лидерите треба да ја водат државата. Тие треба да го прават следниот исчекор. Јас целосно ги разбирам поривот на чувствата на одредени сограѓани. Но истите тие мои сограѓани споделуваат иста историја како и мојата. Антифашистичката борба е дел и од моето семејство, дел од градот во кој што живеам. Дел од мојата татковина. Но тоа историско минато не треба да не ограничува во трасирањето на патот на нашата европска иднина. И секако, имајќи разбирање за чувствата на граѓаните, споделувајќи за нашите дедовци и баби кои што беа учесници во НОВ, наша должност и како народ и како нација, а посебно моја должност, е да ги правам чекорите и да градам пријателство низ призмата на европската иднина. Дури 85 % од граѓаните се за интеграција во ЕУ и ако не гледаме низ призмата на простувањето, низ призмата на пријателството, низ призмата на подавањето рака, треба да знаеме дека тоа не е начин за исполнување на целта на патот по кој што тргнавме.