АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија, ја поздравува одлуката на Владата за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во износ од 144.260.500,00 денари на 89 јавни комунални претпријатија-членки на Здружението.
Ова е значајна мерка од Програмата за справување со КОВИД–19 кризата како еднократна финансиска помош и ќе значи голема поддршка и помош за надминување на тешката материјална состојба во претпријатијата.
Оваа одлука на Владата доаѓа по средбата на претставниците на АДКОМ со премиерот Зоран Заев, на која го запознаа со тешката финансиска состојба на комуналните претпријатија и актуелните проблеми кои се однесуваат на даночни и друг вид финансиски олеснувања и субвенции со цел да ја подобрат ефикасноста на своето работење.
АДКОМ го отвори и прашањето Владата, во соработка со државните институции, да најде решение за отпис на каматите за долгови што ги имаат јавните комунални претпријатија кон државните институции.
Јавните комунални претпијатија, во изминатиот период за време на пандемијата, ги прават сите неопходни чекори за безбедно работење и обезбедување на здрава вода за пиење и чиста животна средина во интерес на граѓаните.
Премиерот и ресорните министри изразија цврста волја да им се даде силна поддршка во претстојниот период, а тоа се реализира со одлуката донесена на 24 седница на Владата на РСМ.