Ширење дезинформации со геополитички мотиви поврзани со Ковид-19 од страна на странски државни чинители во македонскиот информативен простор, развивањето соодветни политики за намалување на нивното влијание и јакнење на отпорноста кај новинарите, медиумите, граѓанските организации и останатите релевантни чинители беше тема на панел дискусијата во организција на граѓанската асоцијација Естима насловена „Пандемијата на Ковид-19 – „Совршена бура” за странски операции за влијание”.
На настанот, како што соопштија од организацијата, што се одвиваше според правилата на Четам хаус воведни излагања имаа Ендру Мофат, политички и економски советник во Амбасадата на САД во Скопје, Зоран Попов, државен секретар во Министерството за надворешни работи, Пламен Тончев, раководител на одделот за Азија во Институтот за меѓународни економски односи од Атина и Бардил Јашари, извршен директор на фондацијата Метаморфозис од Скопје и експерт за медиуми и комуникации. Останати учесници во настанот беа претставници на новинарски здруженија и граѓански организации, пратеници, меѓународни секретари на политички партии, претставници на академската заедница итн.
На панел дискусијата стана збор за глобалните и европските трендови во однос на странските операции за влијание, нивното прелевање во Северна Македонија, потенцијалната цена која ја плаќаме и мерките за подигнување на нивото на медиумска писменост како клучна алка во синџирот за јакнење на отпорноста кон штетни странски влијанија.
Во воведниот дел беше промовирано и истражувањето „Странски операции за влијание: Анализа на Ковид-19 во Северна Македонија” што претставува пионерски обид да се анализираат странските наративи во традиционалните и социјалните медиуми, во текот на пандемијата во Северна Македонија.