Интегрален текст од прес конференција на Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
„Постои сериозна и реална основа за огромна загриженост по вчерашните изјави на Зоран Заев дадени во интервју за источниот сосед. Алармот е вклучен и силно свети затоа што ова интервју и тезите таму може да значи подготовка за ново откажување, нов непринципиелен договор на штета на македонската држава и народ. Ново предавство. Видовме интервју, на кое не со згазени, туку се избришани црвените линии. Овие изјави на Заев дека Скопје, Куманово и Крива Паланка биле ослободени од Бугарите, освен тоа што со потсмев се земени од медиумите во регионот преставуваат грубо извртување на историските вистини. Тезата за постоење на администрација, а не окупатор преставува и газење кон жртвата на партизаните и антифашистичката основа врз која почива македонската држава.
Со ваквата изјава Заев од Скопје од позиција на македонски премиер се откажа од антифашистичката борба од Стив Наумов, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов-Ченто, Михајло Апостолски, Страшо Пинџур. 25 илјади семејства пострадаа во Втората светска војна, сега за Заев тоа е неважно со што директно ги навредува. Ќе се обратам и до сите искрени и чесни социјалдемократи кои знам дека не се согласуваат со овие изјави на Заев, време за политичка борба има, сега е време за борба за единство со цел заштита на националните интереси на Македонија, да не му дозволиме на Заев да ги продаде темелите на државата.
Ќе се обратам и до првоборците и нивните поколенија, не дозволувајте, вашата или жртвата на вашите семејства да биде попуста, Зоран Заев се откажува од вас, ја обезвреднува и исмева вашата жртва. Јавно го повикуваме Заев да се повлече од неговите штетни изјави и да се извини поради негаторскиот однос кон нашите херои. Да внимава за што и како разговара и преговара. Ова за што сега Заев разговара се последните бастиони врз кој почива нашиот идентитет.
Да престане да се додворува на бугарските политичари и да започне да ги штити интересите на народот чиј што премиер е. ВМРО-ДПМНЕ застанува во првите редови заедно со народот, и затоа денеска со почеток од 18:00 часот оранизираме протест, над партиски протест кој ќе заврши пред Владата, кој заради пандемијата со КОВИД 19 ќе биде со автомобили и ќе почне од СЦ Борис Трајковски. Да не дозволиме Заев да ги погази македонските црвени линии. Да излеземе сега пред да биде предоцна! Политиката на свиткана кичма е политика осудена на пропаст. Народот и граѓаните нема да дозволат ново продавање на интересите на државата.
Затоа пред да биде предоцна, да излеземе и кренеме глас! Повикуваме на над партиски протест. Не е важно кој за која партија е, тука сме сите за Македонија. Сега пред да биде предоцна. Сите за Македонија!