Вработените во јавниот сектор во Грција започнаа 24-часовен штрајк, со кој се очекува да се наруши јавниот превоз и другите услуги, барајќи, меѓу другото, и подобра заштита од коронавирус на работното место.
Сообраќајот на траектите, како и на метрото и трамвајот во Атина е запрен, а автобусите сообраќаат и денес.
Летовите, кои беа откажани порано, повторно се во функција затоа што контролорите на летот го откажаа штрајкот откако судот пресуди дека нивното учество во штрајкот е незаконско.
Грчките новинари ќе престанат да работат два часа и нема да емитуваат вести.
Синдикатите на државните службеници повикаа на штрајк за низа барања, вклучително и зголемена заштита од коронавирус на работното место и во училиштата, масовно вработување во јавниот превоз и во здравството и зголемени плати за државните службеници.
Вработените во јавниот превоз исто така бараат работниците да бидат тестирани на Ковид-19 на трошок на нивните компании.
Грција забележа значително зголемување на бројот на заразени со коронавирус и смртни случаи кои го оптоваруваат здравствениот систем на земјата.
Грција во моментов има повеќе од 97.000 потврдени случаи на коронавирус, а нешто повеќе од 1.900 луѓе починаа во земјата со 11 милиони жители. Според податоците објавени синоќа, скоро 600 лица биле интубирани во одделенијата за интензивна нега низ целата земја.