Иранските компании наскоро ќе започнат со тестирање на вакцината против коронавирус врз луѓе, изјави официјалната претставничка на Министерството за здравство, Сима Садат Лари. Таа додаде дека Техеран соработува и со Русија во врска со вакцините против коронавирус.
„Експертите и членовите на администрацијата на нашата земја имаа преговори и соработуваат со руски производители на вакцини, а во моментов се разгледуваат релевантните документи“, рече Лари. Како што најави, се очекува посета на покана од руска страна.
Иранскиот амбасадор во Русија, Казем Џалали, кон крајот на септември рече дека Иран има намера да соработува со Москва во врска со производството на вакцината против Ковид-19 и дека е можно да се потпише договор за заедничко производство на вакцината, наведува „Спутник“.
Четири компании моментално работат на вакцини против коронавирус и тие ја информираа Светската здравствена организација за тоа колку далеку отидоа во тој процес. „Една или две компании најверојатно наскоро ќе започнат со тестирање на вакцината врз луѓе“, рече Лари.
Според иранското Министерство за здравство, земјата се обидува да обезбеди вакцини на три начини – преку фондот КОВАКС, чија задача е да обезбеди пристап до вакцините на меѓународно ниво, преку соработка со странски земји и сопствени напори.
Бројот на заболени во Иран надмина 760 000.