Денеска (26.11.2020) полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога во координација со Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Дебар и СВР Скопје- Единица за недозволена трговија со дрога разби група нарко дилери и заплени марихуана. Околу 11.45 часот на бул. Борис Трајковски во Скопје запрено е возило „џип“ со скопски регистерски таблички, управувано од В.М. (34) од Скопје, а како сопатник бил М.Г. (29) од Скопје и при извршениот преглед се пронајдени 3,5 килограми марихуана. Од преземените дополнителни мерки и активности утврдено е дека организатор на нелегалната продажба е А.М. (27) од Дебар, кој заедно со Ф. П. (29) од Скопје договарале купопродажба на дрогата на паркинг на бул Кочо Рацин. Во 12 часот во близина на транспортниот центар во Скопје приведен е А.М. и при извршен преглед кај него пронајдени се 70.500 денари и 1800 евра кои ги добил за продажбата на дрогата. Во 12.10 часот на паркинг на бул Кочо Рацин приведен е Ф.П.. Во истрагата се обезбедени докази за инволвираност во кривичното дело и за уште две лица: Р.А. (35) и П.Ѓ. (32). По документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.