Претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со новинарите изјави дека очекува мнозинство од 61 пратеник на 22. седница што треба да започне денеска за изгласување на потребата за носење на дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието. Потоа треба да заседава Комисијата за деловничко мандатни прашања, која треба да го разгледа како и евентуалните амандмани.
Џафери вели дека засега нема најави од опозицијата за амандмани на дополнувањето, но додава дека ќе се остави доволно време доколку има потреба за такво нешто.
Опозицијата рече тој се повикува на членот 69 од Уставот, но не кажува дека има амандман 10 на тој член во којшто се наведува дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Во третиот став од амандманот, нагласува тој, стои дека со овој амандман се заменува членот 69 од Уставот.
Целта на дополнувањето на Деловникот, како што вели, е пратениците да се вклучат онлајн доколку имаат решение за изолација и доколку се двајца, тројца или петмина, а не целото Собрание да работи онлајн. Според Џафери, ова би важело во услови на пандемија и не е идејата пратеник „што спие дома” да се вклучи онлајн туку тие што имаат решение за изолација и немаат потешки последици од болеста, а формално не можат да присуствуваат на седницата.
-Право и должност е на пратениците да учествуваат во работата на Собранието, потенцираше Џафери додавајќи дека опозициските пратеници се присутни на седница, а потоа на пет минути пред гласање излегуваат од салата.
Претседателот на Собранието вели дека поради неможноста за гласање поради немање мнозинство, има закони кои се уште се во собраниска процедура.
– Има дел од законите кои иако се по скратена постапка, за нив не заседавале комисиите, рече Џафери.
На денешната седница би можела да се најде и точка на дневен ред за изброр на потпретседатели на Собранието, а би можело да има и други материјали.
За тоа кога ќе продолжат 20 и 21 собраниска седница на кои има неизгласани седници, рече дека би можело денеска, но зависи од тоа како ќе се одвива работата на новата седница.
– Утре продолжува расправа за Буџетот. Комисиската расправа треба да заврши на 5-ти декември, а на пленарна да биде на 14-ти, рече Џафери, кој најави дека Буџетот за следната година дека би требало да се изгласа до 18 декември.
За тоа дали и кога ќе се одржи расправа за Декларацијата за Бугарија на Левица, претседателот на Собранието вели дека нивниот претставник треба да дојде на координација за да се договорат.
На 30 декември треба да се одржи и првата седница за пратенички прашања, по изминувањето на 100 дена од формирањето на новата Влада, а исто така е упатено барање за договор за термин за новогодишното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Во однос на работата на Комисијата за надворешна политика и заостанатите реферирања на новите амбасадори, Џафери вели дека за неодржувањето на седниците треба да се праша претседателот на Комисијата Антонио Милошоски.