„Ако пред некоја недела ја добивме првата директна поголема помош од НАТО во форма на респиратори и дополнителен медицински маттеријал, денеска имаме шанси да видиме дека НАТО инвестира и во напредни технологии кои што ќе ни дадат дополнителен инструмент да се справуваме со кризните состојби”, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешното отворање на Лабораторијата за кризен менаџмент на Воената академија, која е дел од проектот НИКС чија цел е дигитализација на кризниот менаџмент.
Министерката порача дека корона кризата ни покажа дека кризните состојби не се нешто на што треба теоретски да се подготвуваме, туку дека навистина се дел од нашиот секојдневен живот. Градењето на капацитети за кризни состојби, потенцираше, е инвестиција во заштита на човечкото здравје и на човечкиот живот.
Софтверот кој е дел од овој проект им дава дополнителна поддршка на сите институции кои соработуваат во кризниот менаџмент, да бидат побрзи и пеофикасни, особено во кризи, кога времето е клучен фактор.
Во тој контекст, министерката истакна дека токму нашето учество во програмата на НАТО, Наука за мир и безбедност, напорите на Воената академија, на Центарот за управување со кризи и соработката со Линколн лабораторијата од САД, покажуваат дека вложуваме во напредни технологии.
Особено важно, подвлече министерката, е што членството во НАТО и настаните поврзани со корона кризата ни покажаа дека Алијансата навистина верува во сојузништвото и дека принципот сите за еден, еден за сите не е само збор, туку е акција.
„Ние и досега се потпревме на поддршката која што доаѓа од НАТО и од земјите членки, но на овој начин покажуваме дека НАТО е инвестиција и во домашната наука, бидејки освен продуктите и освен софтверот кој што беше добиен од страна на Линколн лабораторијата, ова е резултат и на наши македонски научници кои што продолжуваат да работат на ваквиот напреден начин на работа”, рече министерката.
Раководителот на Катедрата за безбедност, кризен менаџмент, заштита и спасување на Воената академија, професорот Методија Дојчиновски истакна дека целта на лабораторијата е реализација на основни и напредни обуки, настава и научно истражувачка работа поврзана со кризниот менаџмент.
„Алатката НИКС ќе го подобри пристапот, мерките и активностите кои што државните институции ги преземаат во рамки на превенцијата, раното предупредување и справувањето со кризи со тоа што ќе се намали времето за ангажирање на првите респондери таму каде што е потребно”, рече Дојчиновски.
Процесот на обучување за користењето на оваа напредна алатка, информираше тој, ќе ги опфати и нашите идни лидери, питомците на Воената академија кои што ќе може да учествуваат во делот на заштитата, спасувањето и управувањето со кризи.