Вицепремиерот и министер за одбранана Бугарија, Красимир Каракачанов му честиташе на македонскиот премиер, Зоран Заев што се охрабрил да зборува за заедничката историја во интервјуто за БГНЕС, кое предизвика бура од негативни реакции во нашата земја.
Каракачанов за бугарската телевизија „БТВ“ го поздрави делот во кој Заев го потврди постоењето на македонскиот идентитет и јазик, но исто така ја призна и заедничката историја со Бугарија. Сепак, Каракачанов не заборави да подвлече, дека целата заедничка историја била Бугарска и додаде, ако сме „добри“ можеби догодина ќе почнеме преговори со ЕУ.
-Се охрабри, поради што некои од неговите противници го критикуваат. Ова е мал чекор во вистинската насока. Ако одиме напред со толку брзи чекори, мислам дека следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес, рече Каракачанов.
Сепак, тој рече дека претпочита да не верува во декларации и интервјуа, туку да види што се прави.
-До пред два месеци работите што ги зборуваше за заедничката наша приказна, за некои вообичаени ликови, беа незамисливи да се слушнат. Чекор напред. Приказната е заедничка, но треба да разјасниме што е што. Сепак тоа е бугарската историја, рече Каракачанов.