Жозе Мурињо признава дека сериозно го потресла веста дека Диего Марадона починал.
Марадона почина вчера во својот дом во 61-вата година од животот, а оваа вест жестоко го потресе фудбалскиот свет.
Еден од првите кои синоќа се огласија на Инстаграм беше Жозе Мурињо, кој порача дека веста го потресла бидејќи со Аргентинецот биле големи пријатели.
„Постои Марадона и постои Диего. Марадона беше сето она што јавно можевте да го видите од фудбалот, па до другите работи. Диего беше поинаков и имаше навистина огромно срце. Можам да кажам дека ми беше пријател бидејќи често се слушавме преку телефон и се сретнавме неколку пати“, вели Мурињо и додава:
„Кога Марадона ќе ни фали ќе можеме да прогугламе и да се присетиме на неговата магија, но Диего не можеме да го вратиме и тој човек најмногу ми фали. Денес во соблекувалната на момците им говорев приказни за него и моментите кои ги поминувавме. Најмногу ќе ми недостасуваат повиците кои доаѓаа секогаш после секој пораз и никогаш после победа. Знаеше дека после победа не ми треба повик, но по тешките моменти и поразите секогаш беше тука за мене. Во таквите моменти секогаш ми говореше ‘Му, немој да заборавиш дека ти си најдобриот на светот“. Тоа најмногу ќе ми недостасува, мој Диего“.