Британскиот министер за финансии, Риши Сунак, денеска изјави дека е уверен и се надева дека ќе се постигне трговски договор со Европската унија, додавајќи дека формата на договорот е многу јасна.
-Многу работи се прават и мислам дека со конструктивен став и добра волја од сите страни можеме да ја постигнеме целта. Познато е како изгледа формата на договорот, рече Сунак за телевизијата Скај.
Британските медиуми пренесуваат дека бидејќи останаа само уште пет недели пред Велика Британија конечно да ја напушти орбитата на ЕУ, двете страни се обидуваат да постигнат трговски договор со кој би се избегнало хаотичното финале на петгодишната криза за Брегзит.
-Се надевам дека ЕУ ќе види дека работите што ги бараме се главно оние што веќе постојат во нивните договори со други земји. Тимовите напорно работат, рече Сунак.
Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска меѓутоа изјави Унијата е подготвена на можноста Велика Британија да ја напушти без нов трговски договор и покрај „вистинскиот напредок” во турбулентните разговори за Брегзит.
Официјален претставник вклучен во преговорите соопшти дека е можен договор, но дека веројатно нема да биде пред викендов, додека друг дипломат од ЕУ процени дека договорот може да биде постигнат следната недела, пренесуваат британските медиуми.