Полицијата го следи и го санкционира говорот на омраза на социјалните мрежи поврзан со актуелните случувања со Бугарија.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека за ова соработуваат со бугарските колеги.
„Ги следиме, преземени се одредени истражни дејства за одредени Фејсбук-групи и на други мрежи. И ова не е само за ситуацијата туку и генерално, бидејќи проблемот со говорот на омраза е сериозен, создава непријателства и во други држави, иако во овој период е малку поизразено поради состојбата“, изјави министерот.
Секојдневно соработуваат и со бугарското МВР, за вакви случаи таму и за секое друго прашање.
И премиерот Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС се пофали дека брзо реагирале за да го расчистат случајот со палењето на бугарското знаме, но и дека го разрешиле новинарот Зоран Иванов од Извршниот одбор на МИА поради Фејсбук статус.