Младите се „главни жртви” на кризата предизвикана од епидемијата со Ковид-19, според Опсерваторијата за нееднаквости во Франција. Затоа владата одлучи овој петок на 400.000 млади корисници на помош за стан или стипендисти да им додели помош од по 150 евра, јави дописникот на МИА.
Во 2018 година, 5,3 милиони сиромашни луѓе живееја со помалку од 885 евра месечно пред кризата. Од нив 52 отсто биле на возраст под 30 години.
Економската криза предизвикана од коронавирусот, најверојатно, ќе ја влоши ситуацијата на помладите од 30 години, кои веќе претставуваат скоро половина од сиромашните во Франција, според извештајот на Опсерваторијата за нееднаквости.
-Старите лица платија најтешки последици од коронавирусот во однос на здравјето, младите ќе страдаат од најголемиот економски пад, изјави Луи Моран, директор на Опсерваторијата за нееднаквости, за време на презентација на второто издание на „Извештајот за сиромаштијата”.
Тешкотии во обука, интеграција во депресивен пазар на труд, каде компаниите не се сигурни во својата иднина, поголема несигурност на родителите: младите се „главните жртви на оваа ситуација”, подвлече Луи Моран, како што многу здруженија веќе сторија пред него во последните неколку недели, особено оние кои даваа т помош во форма на храна.
Оваа независна опсерваторија веќе неколку години усвојува порестриктивна дефиниција за сиромаштијата, ставајќи ја под прагот од 50 отсто од просечниот приход (наспроти 60 отсто за официјалните тела), според нив тоа е „поблиску до реалноста”.
Така, според оваа дефиниција, во 2018 година – последната позната година – имало 5,3 милиони сиромашни луѓе кои живеат со помалку од 885 евра месечно, или 8,3 отсто од населението во Франција. Меѓу нив, повеќе од половина (52 отсто) биле на возраст под 30 години, од кои една третина биле деца и млади кои растат во сиромашно семејство, забележува Опсерваторијата. Ана Брунер, која ја водеше оваа студија, потсетува дека просечниот животен стандард на младите „е двојно понизок од животниот стандард на Французите”.
За да се ублажат ефектите од кризата, Опсерваторијата се залага за воспоставување единствен минимален приход што „би гарантирал излез од сиромаштијата”. Би бил исплаќан под услови на ресурси и би бил отворен за младите, би достигнал 900 евра месечно по исплатата на социјална помош. Неговата цена се проценува помеѓу 7 и 10 милијарди евра. „Ова е еквивалентно на половина од намалувањето на данокот за домување или 10 отсто од планот за обнова на економијата. Ова е политички избор, тврди Луи Моран.
Премиерот во четвртокот го објави продолжувањето на гаранцијата за млади во 2021 година за 200.000 корисници, како и исклучителна помош од 150 евра, исто така, за околу 400.000 млади корисници помош за стан или стипендисти.