Речиси осум од десет Грци изразува загриженост за пандемијата, а седум од десет анкетирани смета дека најлошото следува, според истражувањата на јавното мислење спроведени од агенциите „Pulse” и „Metron Analysis” за телевизиите „Скај” и „Мега”, јави дописничката на МИА од Атина.
На прашањето дали ќе се вакцинираат за Ковид-19, пак 64 отсто, според едната и 51 според другата анкета одговориле позитивно.
Мнозинството од оние кои планираат да ја примат вакцината е на возраст од над 60, односно 65 години, според резултатите од двете анкети.
Во однос на карантинот, 76 отсто од граѓаните во анкетата за телевизијата „Скај”, сметаат дека подобро е да се продолжи, 40 проценти бараат мало продолжување и одново испитување на податоците, а 36 отсто рекле дека продолжувањето треба да биде онолку колку што е потребно.
Резултатите од истражувањето на „Metron Analysis за „Мега”, покажуваат дека за повеќе од половина (54 отсто) од анкетираните, пандемијата е најголемиот проблем во земјата, додека пак 51 процент позитивно ја оценуваат работата на Владата, а 55 отсто дале негативна оцена за економската ситуација во земјата и речиси седум од десет сметаат дека ситуацијата во следните месеци ќе се влоши.
На политичката сцена, според двете истражувања, Нова демократија е во водство пред опозициската СИРИЗА со 16,1 и 17 отсто, а анкетираните сметаат дека Мицотакис, споредбено со Ципрас е посоодветен за премиер.
Истражувањето на „Metron Analysis за телевизијата „Мега” било спроведено од 18 до 24 ноември со анкетирани 1.205 лица, а на „Pulse” за „Скај”од 24 до 26 ноември со учество на 1.312 граѓани.