Продавниците повторно ќе бидат отворени во Белгија од 1 декември, изјави денеска премиерот Александар Де Кро, но делумниот карантин ќе остане во сила затоа што е потребен со цел да се продолжи со падот на бројот на заразени со новиот коронавирус.
– Од 1 декември продавниците можат повторно да бидат отворени. Ситуацијата во нашата земја се подобрува, рече премиерот, но додаде дека е важно да се запре ширењето на инфекцијата и дека прославата на Божик и Нова година ќе биде „поинаква”.
Продавниците треба повторно да се отворат на одговорен начин и со сите безбедносни мерки, односно луѓето треба да одат сами на шопинг и да поминат кратко време таму. Одлуката е донесена по одлуката за повторно отворање продавници во Франција, најавена за в сабота.
Продавниците се отворени и во другите соседни земји на Белгија – Германија, Луксембург и Холандија. Досега само продавниците, пред се за храна, можеа да продолжат да работат.
Белгија, земја со 11,5 милиони жители каде се наоѓа седиштето на европските институции и на НАТО, е сериозно погодена од вториот бран на пандемијата и е под нови мерки на изолација од 30 октомври.
Баровите, рестораните и кафулињата ќе останат затворени, ќе остане во сила обврската за работа од дома кога е можно, ограничувањето на социјалните контакти и полицискиот час од полноќ до пет наутро.
– Оваа година ќе го славиме Божик во семејството, малкумина на број, ќе биде поинтимен и ќе има општа забрана за огномет за Нова година, рече премиерот.