На четвртата видеоконференциска седница на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, која се одржа попладнево, институциите во Системот за управување со кризи (СУК) се задолжени дневно да доставуваат податоци според оперативни можности за комуникација за нивното ангажирање за спроведување на Акцискиот план, а секој петок да доставуваат писмено сублимирано неделно брифирање.
– Во контекст на теренското дејствуање, се координираше оправданата потреба од лични заштитни средства, дезинфекциски средства и други работи поврзани со теренското оперативно дејствување на припадниците на МВР и Армијата, коишто надворешно ги обезбедуваат болничките установи каде што се третираат КОВИД-пациенти, соопшти Штабот – оперативно стручно тело што раководи со активностите за превенција и справување со кризни ситуации.
На седницата на Главниот штаб, со која раководеше, в.д., директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, учествуваа претставници на субјекти во Системот за управување со кризи назначени согласно со Законот за управување со кризи.
Со Акцискиот план, како што се наведува во соопштението, беа утврдени и активностите на институциите за наредниот период.
-Досега се утврдени силите и средствата со коишто Армијата им дава поддршка на министерствата за внатрешни работи и за здравство, согласно Акцискиот план и Законот за управување со кризи, со флуиден ангажман во поглед на бројот, средства и капацитети согласно потребите и условите околу болничките установи каде што се третираат пациентите. Армиските припадници денеска се веќе на терен, согласно со вчера потпишаната Одлука на претседателот Пендаровски, а и информирањето на јавноста од страна на министерката за одбрана Шекеринска, соопшти Главниот штаб за управување со кризи.
На седниците на Главниот штаб конкретно е определен видот и број на силите и капацитетите на армиските единици, намена и задачи за коишто се бараат, а и времетраењето на конкретни активности и ангажмани на армиската единица.
– Обемниот и содржаен Акциски план што го изготви Центарот за управување со кризи е во директна насока за превенција и справување со ширењето на заразната болест КОВИД-19 и има и преглед за расположивите човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување. Центарот за управување со кризи е во постојано заседавање, а работи и за зајакнување на капацитетите на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК и со надворешни соработници од невладиниот сектор, се наведува во соопштението по одржаната четврта седница на Главниот штаб за управување со кризи.