Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на Центарот за социјална работа и Дневниот центар за лица со интелектуална или телесна попреченост во Штип.
„Денеска го посетивме Дневниот центар за лица со интелектуална или телесна попреченост во Штип, каде што лицата со попреченост доаѓаат на дневно ниво и ги користат услугите како дел од децентрализација на социјалните услуги на локално ниво, онаму каде што живеат граѓаните. Согласно протоколите бројот на корисници е помал, а вработените строго се придржуваат на мерките, со цел обезбедување на безбеден престој на корисниците кои и во услови на КОВИД им се неопходни на оваа категорија на граѓани“, истакна Шахпаска.
Од страна на директорката на Центарот за социјална работа беше посочено дека и во време на пандемија од КОВИД 19, Центарот работи непречено со странките и активно работи на подобрување на квалитетот на услугите, јакнење на капацитетот на семејствата преку интегрирано водење на случај со што се постигнува олеснето следење на домаќинството низ системот на социјална заштита од стручен работник, водител на случај.
Министерката Шахпаска посочи дека и во услови на пандемија грижата за најранливата категорија на граѓани продолжува, во таа насока е и олеснетиот пристап до Гарантирана минимална помош, како парично право кое е од големо значење особено за оние на кои им е потребна помош и поддршка.
„Ние сме социјална држава и согласно концептот „Еднакво општество за сите“ , треба да дадеме услови и еднакви можности за сите граѓани, и на еднакви основи сите учествуваат во јавниот, општествениот живот“, истакна Шахпаска.
Под ингеренции на Центарот за социјални работи од Штип, покрај овој Дневен центар е и Дневниот центар за лица со аутизам, каде услугата ја користат 7 деца , на возраст од 10 до 18 години, со кои работи стручен тим .
Центарот располага и со Советувалиште за жртви на семејно насилство Кризен центар за жртви од семејно насилство 24/48 , чија цел е обезбедување на жртвата сигурност, безбедност и заштита.