Бугарија поради македонскиот јазик и македонската историја одлучи да ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ. Во интервју за сараевската „Н1“ потпретседателот на Владата, Никола Димитров открива што е позадината на овие барања и како гледа на иднината на европскиот процес на Македонија, но и на остатокот од регионот.
„Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на домашните прашања, суверенитетот на една држава, бидејќи е израз на правото на самоопределување. Во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава нема правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик. Тоа е наша работа. Многу е тешко за нашите граѓани да разберат, па и за мене искрено кажано, како може македонскиот јазик да е пречка за почеток на пристапни преговори за интеграција со една унија каде што јазичната различност е една од фундаменталните, темелните вредности. Исто така е тешко да разбереме како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи, кои што за да бидат вистина добрососедски, мора да почиваат на меѓусебна почит. Ако јас вам ви кажам каков јазик зборувате или не зборувате тоа значи дека не ве почитувам. Во таа смисла се соочуваме со еден сериозен предизвик. Ние имаме комисија за историски прашања што ја формиравме врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со соседна Бугарија, со Софија. Идејата беше за историјата да разговараат историчарите, а политичарите за денешницата и за подобро утре. Ние на Балканот имаме многу богата историја, меѓутоа како што често вели еден мој пријател: убаво би било таа историја да биде учител, а не затвор“, рече Димитров.