Неколку француски министри сметаат дека снимката со претепувањето на музичкиот продуцент од страна на тројца полицајцим е скандалозно и дека овој вид на однесување е „проблем за републиката”, без притоа да ја обвинат и срамот да го фрлат врз целата полиција, јави дописникот на МИА.
Откако видеото со претепувањето на продуцентто беше видено околу 10 милиони пати, левицата и претседателското мнозинство и дадоа поддршка на жртвата. Особено што жртвата вели дека припадниците на полициските сили изрекувале расистички навреди кон него, во исто време кога го тепале.
Претседателот Емануел Макрон изјавил дека е шокиран од видеото, се наведува во коментарите пренесени од „Европа 1″ и „Франс инфо”, потврдени за „Фигаро”.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан синоќа потврди дека „побарал суспензија на тројцата полицајци”.
-Откако правдата ќе ги утврди фактите, јас исто така ќе побарам нивно разрешување, потврди и министерот за внатрешни работи, додека обвинителството во Париз отвори истрага против полицајците.
Министерот за правда, Ерик Дипон-Морети, од своја страна изјави дека е скандализиран од сликите . Тој, сепак, предупреди дека мора да се биде претпазлив и да не се мешаат работите.
-Да се каже дека Републиката има проблем со полициското насилство не е точно. Но, секое полициско насилство е проблем за републиката. Постојат полицајци, адвокати или дури расистички пекари, но да се каже дека полицијата е расистичка не е точно, рече Ерик Дипонд-Морети.
Марк Фесно, министер одговорен за односи со парламентот, исто така рече дека е шокиран, па дури и револтиран од овие слики. Тој истакна дека овие однесувања не треба да се генерализираат на целата полиција. „Но, не затоа што тие се мало малцинство сега тоа треба да се остави под тепих, и да не се санкционира.Се чини дека е потребно нивно разрешување”, оцени тој.
-Жандармот, полицаецот, мажот или жената се тие што мора да ги бранат слабите, кревките. Очигледно, полициското насилство е проблем за републиката. Секогаш кога има полициско насилство, истрагите мора да се спроведат, тие мора да бидат санкционирани , И обратно, секое насилство врз полицијата е проблем за републиката, и тука исто така мора да бидеме бескомпромисни во однос на ова насилство, посочи и Ањес Паниер-Рунахер, министерка одговорна за индустријата.
Ова полициско насилство, само неколку дена по насилството врз мигрантите кои со невладините организации се имаа собрано на „Плоштадот на Републиката”, а во саботата и врз демонстрациите на новинарите, ја ставија во непријатна позиција владата и владиното мнозинство, кое сакаше со закон да забрани да се снимаат и објавуваат снимките на силите на редот при вршењето на нивните акции.
Премиерот Жан Кастекс по средбата со Репортери без граници најави дека ќе биде создадена работна комисија која ќе работи на новата дефиниција на законот.