Шкотската премиерка Никола Старџен повикува следната година да се организира нов референдум за независност на земјата од Обединетото кралство, соошпти „Тајмс”.
Лидерката на Шкотската национална партија (СНП), која се залага за независност на Шкотска, рече дека претпоставува дека гласањето ќе се одржи во „најраниот период” од новиот мандат на шкотскиот Парламент, што почнува следната година, пренесуваат британските медиуми.
-Шкотска треба да има шанса да избере дали ќе стане независна порано отколку подоцна, рече таа за телевизијата „ITV Border”.
На референдумот во 2014 година 55 проценти од Шкотланѓаните гласаа против независноста, но Брегзит и начинот на кој британската Влада управува со кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, доведоа до се посилна поддршка на идејата за независност на Шкотска, покажува последната анкета.
Шкотските парламентарни избори ќе се одржаат во мај и се очекува владеачката СНП да постигне добар изборен резултат.