Германската канцеларка Ангела Меркел денеска повторно ги повика Германците да се придржуваат до мерките за ограничување воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот пред Божиќните празници.
Во својата неделна видео порака Меркел кажа дека Германците можат да бидат горди на својата дисциплина и трудоубивост во последните 10 месеци и ги охрабри да се придржуваат до правилата и да ги намалат контактите за време на сезоната на празници, пренесоа американските медиуми.
Федералните и покраинските лидери неделава одлучија да го продолжат делумното затворање, што почна на 2 ноември, барем до 20 декември и да заостри некои ограничувања.
Досега мерките успеаја да го спречат зголемувањето со нови случаи, но не ги намалија значително, соопштија американските медиуми.
Според Националниот центар за контрола на болести, во последните 24 часа во земјата се регистрирани 21.695 инфекции со коронавирус, а 379 лица умреле.
Од почетокот на епидемијата, во Германија се регистрирани нешто повеќе од милион случаи на коронавирус и 15.965 смртни случаи.