Израел е одговорен за вчерашниот атентат врз главниот ирански нуклеарен научник, Мохсен Фахризадех, јави „Њујорк Тајмс”, повикувајќи се на тројца неименувани разузнавачки службеници.
Текстот на весникот е објавен откако неколку ирански официјални лица ја обвинија еврејската држава за неговото убиство.
Весникот наведува дека не е јасно дали Вашингтон однапред знаел за нападот, но потсетува дека Израел и САД тесно соработуваат во нивните односи со Иран.
Неименуван израелски официјален претставник за израелскиот јавен сервис „Кан” изјавил дека „без Фахризадех, на Иран ќе му биде многу тешко да напредува во својата воена (нуклеарна) програма”.
Иако Иран го замрзна развојот на својата нуклеарна програма, како дел од договорот со големите сили во 2015 година, Израел кажуваше дека Фахризадех тајно продолжил да работи на неа и дека тој е клучната фигура во напорите на Иран да се вооружи со атомска бомба.
Атентатот врз Фахризадех е последниот од низата атентати врз ирански нуклеарни научници во последните неколку години, за што земјата го обвинува Израел.
Израелската телевизија јави дека вчерашниот напад бил многу покомплексен од било кој претходен ваков инцидент.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еднаш за Фахризаде кажа дека е таткото на иранската нуклеарна програма.
Израел одби да го коментира убиството на научникот, а телевизијата „Канал 12″ оцени дека тој не бил само таткото на иранската програма за нуклеарно оружје, туку и човекот кој решил да им ја достави бомбата на ајатоласите.
„Тој исто така беше експерт за балистички ракети”, додаде телевизијата.