Германија паѓа на тестот за лидерство во ЕУ, изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервјуто за „Политико” , во однос на ембаргото за оружје за Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
„Политико” коментира дека Дендиас ја обвинува Германија дека не ја исполнила нејзината лидерска улога во ЕУ затоа што не ги послушала повиците од Грција за воведување ембарго за оружје за Турција.
Шефот на грчката дипломатија посочи дека не ја разбира „неподготвеноста на Германија да ја искористи огромната моќ на нејзината економија за да им даде јасен пример на земјите дека тие мора да го почитуваат меѓународното право “.
– Го разбирам финансиското прашање, но сигурен сум дека Германија ја разбира и огромната контродикција на обезбедување офанзивно оружје за земја што ги загрозува мирот и стабилноста на две ЕУ земји. Ова е дефиниција на зборот контродикторност, истакнува Дендиас.
Во пресрет на следниот состанок на Европскиот совет, Дендиас, преку интервјуто ги повикува лидерите на ЕУ да испратат јасна порака до Турција и „логичен одговор” за турските активности во Источен Медитеран.
– Европа ќе испрати погрешна порака до сите земји во поширокиот регион. Дека оној кој постапува своеволно, кој го крши меѓународното право, кој уценува, на крајот останува неказнет или дури е награден, истакна шефот на грчката дипломатија.
За новата американска администрација, Дендиас за „Политико” вели дека и претседателот Џо Бајден и предложениот државен секретар Ентони Блинкен добро ги познаваат регионот и грчко-турските проблеми.
– Верувам дека на регионот му потребно присуството на Соединетите Американски Држави, особено военото присуство, на начин на кој ќе го надомести недостатокот на европско воено присуство во регионот, додаде Дендиас.