Новоименуваниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски најави влез на нови компании во индустриската зона. Тој во интервју за ТВ Сител информираше дека контактира со тројца потенцијални инвеститори од различни индустрии но и дека се прават анализи за зголемување на платите во вработените во индустриските зони.
Деспотовски рече дека компаниите од ТИР зоните, само во минатите 10 месеци оствариле вкупен извоз од 2,1 милијарда евра и сочинуваат 45 проценти од вкупниот извоз кој го имаме на ниво на држава. Посочи дека 14.000 наши сограѓани во моментов работат во компаниите во зоните и дека се прават анализи да се поттикнат компаниите да исплаќаат повисоки плати.
-Во програмата за работа на ТИРЗ си поставивме за цел вработените во овие компании да добиваат 30-50 проценти поголеми плати до 2024 година, истакна Деспотовски.
Анализата, како што најави тој, треба да покаже во кој дел се наоѓа неискористениот потенцијал за зголемување на платите, како и јасно воочување на можностите за вклучување на домашните компании во целокупниот извоз кој компаниите од ТИР зоните го генерираат.
-Продолжуваме со привлекување на инвеститори, но сега ставаме дополнителен фокус и на квалитетот на секоја инвестиција. Дали ќе бидат ангажирани работници за плата од 15 илјади денари или на вработените ќе им се исплаќаат месечни приходи помеѓу 700 и 1.200 евра е клучно, истакна директорот на ТИРЗ.
Деспотовски рече дека на средбите кои ги остварил со странските инвеститори во зоните веќе добил најави за проширување на нивните капацитети. Поради пандемијата, се најавува тренд во дел од државите од Западна Европа и САД на географско приближување на инвестициите. Големите корпорации согледуваат дека колку е подолга географската рута, подразбира повеќе ризици. Со ова, истакнува Деспотовски, Западниот Балкан станува дополнително интересен и примамлив за инвестиции.
-Потребен ни е поинаков пристап и во сегментот на инфраструктурата неопходна за развој на бизнисот. Веќе размислуваме за програма која ја нарековме „Посебен стратешки инвестициски фонд” која ќе овозможи државата и приватните инвеститори да вложуваат во посебни проекти за развој во инфраструктура со цел зоните да функционираат подобро. Тоа се инвестиции, на пример, во гасоводна мрежа, унапредување на системот на снабдување со вода, канализација, патишта или осветлување. Како Влада, само за следната година подготвуваме инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура во ТИР зоните, најави Деспотовски.