Кавадарци денеска одбележува сто и девет години од раѓањето на Славчо Темков, еден од основоположниците и двигатели на културно-уметничкото и спортско живеење во Кавадарци меѓу двете светски војни, потсетува историчарот Петре Камчевски.
– Бил роден на денешен ден во 1911 година. Уште како ученик во гимназијата во Кавадарци во 1928 година, ја поставил пиесата „Кољо и Невенка”, која доживеала голем успех и била изведена неколку пати во кафеаната „Југославија”. Таа година по негова иницијатива било формирано културно-просветното и спортско друштво “Братство”, а тој бил иницијатор на формирање на фудбалскиот клуб „Победа”, во кој станал секретар. Ги поставил и пиесите: „Зла жена”, „Цар Киро”, “Кнезови од Сендерија” и други. Во 1938 година ја поставил пиесата „Слугата Јернеј и неговото право” со Димката Ангелов и Милан Даскалов во главни улоги, вели Камчевски.
Во текот на НОВ се вклучил во Првата македонска дивизија се до 1945 година.
-По војната доверено му било да го обнови и да раководи со театарот во Кавадарци, а работел како референт за народно описменување на населението во кавадаречко по војната. Тој е татко на познатата македонска сликарка Ана Темкова. Почина во Скопје на 1 мај 1995 година, додава Камчевски.