Стојанче Ангелов објави на ФБ
ПРОФЕСОРЕ АПАСИЕВ!
Претпоставувам дека состојбата со Ковид 19 е вистинската причина поради која не го испивме заедничкото кафе во собраниското бифе, договорено на нашата предизборна дебата на ТВ Канал 5.
Во меѓувреме можев да се изнаслушам и изначитам многу ваши изјави, говори, реплики и контрареплики на најразлични теми. Секако, како народен пратеник, не само што имате право туку сте должен да постапувате токму така.
Овојпат професоре вниманието ми го привлече вашата последна објава на Фејсбук во која навидум се прашувате но повеќе тврдите “ако е вистина дека Владата прифатила оти македонскиот јазик е заснован на западно-бугарскиот дијалект, тогаш тоа е прогласување тотална ВОЈНА ПРОТИВ НАРОДОТ!“.
Професоре, верувам дека знаете но еве оставам можност и да не знаете, предметот на вашата дилема воопшто не е вистинит. Бидејки, ако читавте неселективно ќе ја прочитавте а можеби и пренесевте и синоќешната изјава на премиерот Заев во која тој јасно, без никаква дилема, порачува дека е Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет а Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет.
Исто така сте можеле да ја прочитате и пренесете и неговата вчерашна изјава дека “македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори“, и дека “корењата, историјата на мојот народ и на мојот македонски јазик, се исто мое суверено право и право на самоопределување“.
И не само кристално јасните вчерашни изјави на Премиерот туку и изјавите на безмалку сите значајни државни, политички, научни, владини и невладини фактори, почнувајки од Претседателот на државата па надолу се единствени и бескомпромисни по прашањето на македонскиот идентитет и јазик.
Но вам професоре најверојатно повеќе ви одговара да читате селективно и уште полошо, да пренесувате селективно, притоа не водејки грижа за штетата која, намерно или ненамерно, ја правите на народот и државата и сето тоа за некоја стотка или илјадарка лајкови повеќе. Сериозна државна и меѓународна политика не се води на тој начин професоре. Со намерно или ненамерно ширење дезинформации, со предизвикување хистерија, со користење на улични изрази.
Но ова не е се. Вашата хистерија не сопира овде. Во синоќешната објава на Фејсбук вие дополнително долевате масло на огнот користејки силни и вознемирувачки изрази. “Тотална војна, народ, драматичност, сериозност, радикализирање, ескалирање, искрени апели“, понатаму, “создавање на силен и обединет опозициски антивладин фронт“ против “најголемото зло од влада од АСНОМ до денес“, нормално притоа наметнувајки се самиот себе си како лидер, па продолжувате со “сеќири, сатрапи, губење на Републиката, памет, его, борба“…
Професоре, дај „оладете малку“. Македонија била и ќе остане овде засекогаш, Македонците биле и ќе останат овде засекогаш, зборуваат и ќе зборуваат на македонски јазик засекогаш. И нема сила која може да го промени овој едноставен факт.
Патем, зарем мислите дека лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, ќе остави вие да предводите било каков фронт?
Професоре Апасиев, си земам за слобода пред да седнеме на кафе во собраниското бифе, да ве поканам на кафе кај мене, како претседател на Левица во штабот на Достоинство или како пратеник во мојата службена канцеларија во Центарот за управување со кризи. Безбедно е од сите аспекти. На влезот ќе ни измерат температура, рацете ќе ги дезинфецираме пред и после средбата, во канцеларијата ќе бидеме само ние, ќе има доволно растојание помеѓу нас, ќе носиме заштитни маски кои ќе ги тргаме од уста само кога ќе пивнуваме голтка топло турско кафе.
Инсистирам за време на нашиот разговор да слушаме убава, народна, македонска музика, испеана на чист македонски јазик, снимена во далечните дваесетти и триесетти години на минатиот век. Верувам дека некои од песните ќе ви бидат познати бидејки сте ги слушале или пееле на некоја свадба, на прослава а можеби ги потпевнувате и сам дома, како што понекогаш правам и јас. Но неколку од нив не верувам дека ги знаете иако се повеќеслојно преубави, почнувајки од уметнички отсвирената мелодија или во занес испеаниот текст. Но, токму тука, во текстот, лежи причината зошто некои од нив нема да ви бидат познати, или можеби ги знаете во малку модифицирана, историски прилагодена верзија. Бидејки во некои од нив се опеани македонски јунаци кои во првата половина на дваесетиот век малку поинаку го замислувале начинот на кој нашата татковина Македонија ќе ја ослободат од јаремот на Османлиската империја создавајќи притоа сопствена македонска држава. Независна или автономна, во федерација или конфедерација, со исток или со север, за некои од нив и не било толку важно. Им било важно да формираат македонска држава а потоа знаеле дека ќе биде полесно. Полесно но не и лесно.
Професоре, сигурно ви е позната максимата дека победниците ја пишуваат историјата. Победниците ја пишуваат историјата но народот ги пишува песните. Затоа понекогаш во народните песни може да се најде повеќе историска вистина отколку во учебниците по историја. Но, да не должам многу, повелете на кафе, да ислушаме неколку изворни македонски народни песни, можеби некоја од нив сложно ќе запееме.
Дотогаш останете со добро здравје, помалку негативна енергија и без хистерија.
P.S. Покрај народните песни би сакал да продискутираме и за неколку дилеми:
1) Што подразбирате под поимот западно-бугарски дијалект?
2) Како ние поинаку ја нарекуваме западна Бугарија, особено јужниот дел?
3) Кој зборува на западно-бугарски дијалект особено во јужниот дел?
Претседател на Достоинство
Генерал Стојанче Ангелов