Челзи и Тотенхем не го оправдаа епитетот на дерби според тоа дека немаше голови на „Стемфорд бриџ“. Имаше доста атрактивни удари, по неколку интервенции на двајцата голмани, меѓутоа тоа не беше доволно да се украси битката за преземање на лидерската позиција во Премиер лигата.
Учителот Мурињо и ученикот Лампард максимално тактизираа. Челзи се закануваше преку доминација во посед на топката, додека Петлите чекаа контра-напад за да го одржат перфектниот учинок на гостувањата во шампионатот, но вечерва испуштија бодови за првпат по четири гостински победи во низа.
Иако мрежата на Љорис се затресе уште во 11-тата минута, Вернер се најде во недозволена позиција, па неговиот погодок не се важеше.
Тотенхем со ова реми повторно застана на делба на првото место на табелата со Ливерпул со по 21 бод, додека Челзи заостанува два бода на третото место.