Уште во февруари, кога пандемијата на коронавирус брзо се рашири, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди за поплава од дезинформации и лажни вести на социјалните мрежи, поврзани со новото респираторно заболување.
„Коронавирусот е прва пандемија во историјата за време на која технологијата и социјалните медиуми се широко користени за да ги одржуваат луѓето безбедни, информирани, продуктивни и поврзани. Во исто време, технологијата на која се потпираме, овозможува ‘инфодемија’ што продолжува да го поткопува глобалниот одговор и ги загрозува мерките за контрола на пандемијата“, истакна СЗО.
Повеќе од 1,45 милиони луѓе починаа од почетокот на пандемијата, а три производители на вакцини од Западот веќе поднесоа барање вакцината да биде одобрена за употреба уште во декември.
Покрај проблемите со организирање на процесот за масовна вакцинација, владите мора да се справат и со сомнежите за вакцинaта развиена со брзо темпо, во време кога социјалните медиуми се алатка и за информирање и за ширење на дезинформации за вирусот.
Стивен Вилсон, професор на Универзитетот Брандејс и коавтор на студијата „Социјални медиуми и двоумење за вакцинација“, објавена минатиот месец во магазинот British Medical Journal, гледа врска помеѓу кампањата за дезинформации на интернет и падот на бројот на вакцинации.
„Мојот страв во врска со влијанието на дезинформациите на социјалните медиуми во контекст на Ковид-19 е дека ќе се зголеми бројот на оние кои се двоумат дали да се вакцинираат, дури и во случаи кога нивните стравови немаат научна основа“, смета тој.
Меѓу побизарните тврдења на теоретичарите на заговор, на пример, е дека новиот коронавирус е измама или дел од голема шема смислена од луѓе како милијардерот Бил Гејтс за контрола на човештвото. Програмите за вакцинација, според поддржувачите на ваквите теории, се покритие за вградување на микро-чипови за следење на луѓето.
Ваквите тврдења можат да најдат плодна почва во време кога истражувањата покажуваат дека луѓето во некои земји како Шведска или Франција веќе се сомневаат во врска со вакцините, бидејќи тие се развиени за многу кратко време и без повеќегодишни студии за ефикасноста и можните несакани ефекти.
Минатиот месец, анкета на „Ипсос“ покажа дека само 54 проценти од Французите би се вакцинирале против коронавирус, десет проценти помалку отколку во САД, 22 проценти помалку отколку во Канада и 33 проценти помалку отколку во Индија. Во 15 земји, 73 проценти од луѓето сега велат дека се подготвени да се вакцинираат против вирусот, што е четири проценти помалку отколку во претходната анкета во август.
Но, не станува збор само за вакцините – проблем е и што сè повеќе луѓе не им веруваат на институциите, велат експертите.
„Заедничката мисла меѓу теоретичарите на заговор е дека елитите лажат“, велат познавачи на темата.
Дезинформациите се засноваат на растечката недоверба кон институционалните власти, без разлика дали се работи за влада или наука.
„Кога луѓето едноставно не можат да добијат веродостојни информации за вакцините и кога не им веруваат многу на експертите и институциите, се насобраа дезинформации за да се пополни создадениот вакуум“, се наведува во извештајот во врска со оваа проблематика.