Царинската управа од почетокот на кризата предизвикана од пандемијата интензивно соработува со сите економски оператори со цел навремено доставување информации поврзани со увозот и извозот на стоки и нивно прекугранично движење. Воспоставените механизми за олеснување на трговијата кои произлегоа во време на корона-кризата и кои се спроведуваат и почитуваат со цел да се олесни процесот при транспортот. Направивме исклучителни напори за одржување на економската активност, а со цел границите во регионот да останат отворени.
Ова го истакнува директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија Ѓоко Танасоски во интервју за МИА, во кое наведува дека зелените коридори во време на пандемија обезбедија непречено движење на стоката во рамките на ЦЕФТА-земјите и дека тие и натаму ќе бидат приоритет на ЦУ и ќе бидат проширени и ќе важат и за земјите од ЕУ сè со цел да се обезбеди понатамошно слободно движење на стоките.
– Царинската управа во континуитет прави чекори за забрзување на протокот на стоки и патници и подобрување на условите за работа. Анализите покажуваат дека над 67 отсто од возилата ги завршуваат сите царински постапки во рамките на еден час, што е најмалку за 30 отсто забрзување во однос на минатиот период, истакна Танасоски и додаде дека се работи на проект за имплементација на нов Национален едношалтерски систем насочен кон олеснување и забрзување на прекуграничната трговија.
Тој истакнува дека и покрај пандемијата земјава бележи задоволително ниво на размена со земјите од ЦЕФТА и наплата на приходи.
Обемот на надворешнотрговска размена со земјите од ЦЕФТА во првите девет месеци од 2020 година изнесува 983 милиони евра, а со новите активности и мерки за подобрување на царинската соработка, како што се заедничките царински премини, меѓусебното признавање на одобренијата за Овластен економски оператор и на граничните и други документи, очекуваме дека оваа размена во наредната година треба да се зголеми за 2-3 отсто и да достигне 15 отсто, вели директорот на Царинската управа.
Приходите што ги има наплатено Царината од почетокот на годината, како што додаде, се за 2,71 отсто повисоки од планираното.
– Како резултат на пандемијата и намалената економска активност во светот и во Република Северна Македонија, овој тренд до одредена мера се рефлектира и кај наплатените приходи. Сепак, со оглед на сите околности, наплатата на приходи е на задоволително ниво и според ревидираниот план за 2020 година. Така во првите десет месеци од 2020 година, по сите основи вкупно се наплатени 66,72 милијарди денари. Според планот за наплата на приходи за 2020 година постои повисок степен на реализација 2,71 отсто, вели тој.
Танасоски зборува и за активности што треба да се преземат во рамки на Заедничкиот регионален пазар, како и за најновото решение за регистрација на возилата со странски таблички.
-Возилата со странски регистарски таблички што редовно се регистрирани, кои поседуваат зелен картон за осигурување, се влезени пред 1 октомври 2020 година во нашата држава и ги исполнуваат уловите за регистрација, ќе можат да ги оцаринат и регистрираат возилата согласно одредбите од Предлог-законот што треба да се усвои во Собранието, појасни во интервјуто директорот на Царинската управа.
Во продолжението следува целото интервју со директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија Ѓоко Танасоски.
Неодамна во Софија беше усвоена Декларација што предвидува поголема интеграција и соработка на државите на Западен Балкан. Меѓу другото предвидени се активности за олеснување на движењето на стоки. Што е предвидено да се преземе и од кога би можело да се очекува да се реализира во пракса?
– Регионалната економска интеграција за Република Северна Македонија, како и за целиот ЦЕФТА-регион на Самитот на Западен Балкан во Софија прерасна во повисоко и поквалитетно ниво на интеграција преку усвојување низа документи. Со овие документи Регионалната економска област сега веќе се нарекува Заеднички регионален пазар, што во себе треба да ги инкорпорира четирите слободи на движење: стоки, луѓе, капитал и услуги.
Лидерите од Западен Балкан во Софија, на 10 ноември 2020 година, на Самитот на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес ја усвоија Декларацијата за заеднички регионален пазар со што ни се отвара патот кон продлабочување на регионалната економска интеграција и истовремено е и отскочна штица кон ЕУ-пазарот во иднина. Покрај овој документ беше усвоена и Зелената агенда за Западен Балкан.
Во однос на понатамошното унапредување на слободното движење на стоките, во активностите на Акцискиот план за Заеднички регионален пазар 2021-2024 за Западен Балкан, акцент е ставен на зголемувањето на нивото на трговската интеграција, обемот на меѓусебно тргување со стока, како и олеснување на слободното движење на истите.
Клучно што е предвидено е понатамошно хармонизирање на правилата и регулативите за меѓусебно признавање на сертификатите и дозволите за стоките, проширување на зелените коридори кон земјите членки на ЕУ, соработката со царинските органи – правила за потекло, анализа на ризик, Овластен економски оператор, електронска трговија, 24-часовна секојдневна достапност на услугите на граничните служби, доставување и обработка на информации пред пристигнување на стоката, процесирање пратки порачни/испратени во е-трговијата и заштита на права од интелектуална сопственост.
Во пракса веќе сме започнати со активности за проширување на зелените коридори кон Бугарија и Грција, потоа меѓусебно признавање на одобренијата за Овластен економски оператор, за што веќе сме во завршна фаза. Со ова меѓусебно признавање, одобрението за ОЕО што го добиваат македонските компании ќе биде меѓународно признато во сите земји членки на ЦЕФТА и тие ќе ги имаат помали контроли и побрзо време на царинење на стоките.
Согласно приоритетите за дигитализација на Царинската управа, а со цел отварање кон Заедничкиот регионален пазар, во периодот што следува продолжуваат активностите за имплементација на транзитен систем NCTS5, проект преку кој ќе има усогласување на постојниот трансевропски систем NCTS со новите барања на UCC (Union Customs Code), и надградба и развој на интерфејси со други системи. Во текот на следната година, се планира да започне и имплементацијата на системот EORI2, односно национален систем за регистрација и идентификација на економските оператори усогласен со UCC. Целта на овој проект е да обезбеди надградба на постојниот трансевропски систем ЕОRI преку воведување царински регистар којшто ќе биде усогласен со европскиот и ќе овозможи регистрација и идентификација на економските оператори, на операторите на Унијата и трети земји и лица.
На кои гранични премини би бил воведен едношалерскиот систем и што значи проширување на постојните зелени коридори и зелени ленти во регионот?
– Можеме да кажеме дека по препорака од Договорот за олеснување на трговијата на СТО и Берлинскиот процес за Западен Балкан и со помош од Европската Унија преку ИПА-програмите целосно го реконструиравме и го модернизиравме граничниот премин Табановце каде што во рамките на регионалната соработка го воведовме концептот на заеднички граничен премин One Stop Shop со Србија, кој значително придонесе за намалување на времето на минување преку граница, ги олесни и ги забрза извозот, увозот и транзитот на стоките.
Република Северна Македонија и Република Србија се првите земји од Западен Балкан што воспоставија заедничка гранична контрола – One Stop Shop и обезбедија заедничко извршување на граничните и царинските формалности при движењето на стоките и патници. Република Северна Македонија е првата земја од групата земји од Коридорот 10 што со воведување на ваквиот концепт овој коридор го прави поатрактивен и поефикасен за извоз, увоз и транзит на стоки.
Ваквиот начин на работа со заеднички контроли наскоро ќе биде воведен и со Република Албанија на граничниот премин Ќафасан, каде што неодамна е изграден целосно нов царински терминал со објекти за царинење и спроведување инспекциски контроли.
Царинската управа на Република Северна Македонија со поддршка од Владата е водечка институција за спроведување на овој проект, што предвидува хармонизација и стандардизација на царинските и полициските формалности, поголема регионална соработка и создавање функционална регионална економска област, со што ќе се придонесе нашата држава да биде силно интегрирана во глобалните синџири на снабдување.
Ја имавме честа нашата Царинска управа во 2020 година да биде претседавач на Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА, кој всушност има големо влијание во олеснувањето на националната и прекуграничната трговија. Изработивме амбициозна програма, примарно во насока на реализација на заложбите за олеснување на трговијата на сите вклучени страни во ЦЕФТА, но и во однос на прекуграничната соработка и трговија со земјите членки на Европската Унија.
Изминатава недела беше одржан состанок на високо ниво помеѓу Царинската управа и Европската комисија на кој од областа на Царинската унија од страна на ЕК беше потврдено високото ниво на задоволство во однос на иницијативноста и проактивноста што ЦУ ја покажа со соработката со земјите од регионот и како претседавач со CEFTA Поткомитетот за царина и потекло на стоки ги воспостави зелените коридори, кои во време на пандемија обезбедија непречено движење на стоката во рамките на ЦЕФТА-земјите.
Водени од визијата да бидеме водечка Царинска управа во регионот, на почетокот на март, кога сите бевме погодени и под притисок поради новонастанатата ситуација со корона-кризата во соработка со сите органи и министерства во Владата на Република Северна Македонија уште еднаш направивме исклучителни напори за одржување на економската активност, а со цел границите во регионот да останат отворени. Како претседавачи со Поткомитетот за царина и потекло на стоки во рамки на ЦЕФТА беше поведена иницијатива и беа воспоставени т.н. зелени коридори, каде сите земји членки на ЦЕФТА се обврзаа да обезбедат 24-часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки во рамки на ЦЕФТА-регионот, како и на клучните гранични премини со Европската Унија, со приоритет за минување на свежите земјоделски и прехранбени производи, лековите и медицинската опрема. Оттука би можел да кажам дека зелените коридори и понатаму ќе бидат високо ниво на приоритет за Царинската управа и Република Северна Македонија и тие покрај важноста што ја имаат во ЦЕФТА-земјите, ќе бидат проширени и ќе важат и за земјите од ЕУ сè со цел да се обезбеди понатамошно слободно движење на стоките.
Колку би се намалило чекањето на граничните премини во споредба со она што е сега состојба?
– Како што веќе знаете, Царинската управа во континуитет прави чекори за забрзување на протокот на стоки и патници и подобрување на условите за работа. Лидери сме во дигитализацијата во работењето, па така со помош на НКТС – Новиот компјутеризиран транзитен систем и воведување на новиот систем за електронска обработка на царински декларации и ацзизни документи, СОЦДАД времето на завршување на царинските постапки е драстично намалено. Со воведувањето на СОЦДАД радикално се измени начинот на царинското работење и се осврна кон создавање целосно бесхартиена околина, па така од април 2020 година извозот од државата се врши целосно електронски и бесхартиено.
Од направената анализа за времето што е потребно транспортните возила да ја завршат постапката, добиен е податок дека над 67 отсто од возилата ги завршуваат сите царински постапки во рамките на 1 час, што е најмалку за 30 отсто забрзување во однос на минатиот период.
Царинската управа на РСМ како носител и главен координатор, неодамна ја започна реализацијата на проектот за Новиот национален едношалтерски систем (National Single Window – NSW) во државава. Со реализација на овој проект се очекува да се развие и да се имплементира комплетно нов Национален едношалтерски систем чии корисници ќе бидат Царинската управа, другите владини институции и бизнис-заедницата. Со воведување на овој систем преку изработка на соодветни интерфејси, така што во NSW ќе се интегрираат националните ИТ-системи кои се користат во Царинската управа ќе се постигне олеснување и забрзување на прекуграничната трговија. Новиот Национален едношалтерски систем во следните неколку години ќе се развива и ќе се имплементира во рамките на компонентата за Олеснување на меѓуграничната трговија на стоки од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан (Western Balkans Trade and Transport Facilitation Project – WBTTFP), финансиран со заем од Светската банка. Исто така развојот и имплементацијата на овој систем е од национален интерес, а со неговото користење при олеснување на постапките за бизнис-заедницата и обезбедување поефикасни контроли ќе се постигне заемен бенефит.
За намалување на времето на чекање и забрзувањето на постапките при царинење ќе придонесат и планираните реконструкции и проширувања на граничните премини Деве Баир, Делчево и Ќафасан со што ќе се направи еден вид стандардизација на граничните премини во поглед на инфраструктурната поставеност и начинот на функционирање.
Република Северна Македонија преку Царинската управа е првата држава во ЦЕФТА што го започна процесот за меѓународно признавање на издадените одобренија за Овластен економски оператор (ОЕО) за царински поедноставувања. Моментално 15 трговски друштва имаат ОЕО-одобрение, што претставува раст на бројот на издадени одобренија за овластен економски оператор. Заемното признавање на ОЕО како клучен чекор за зајакнување и заштита на меѓународната трговија, преку намалувањето на контролите овозможува побрз проток на стоката и нивен приоритет на т.н. зелени ленти секаде низ регионот.
Најавено е посебно внимание за воспоставувањето регионален пазар за е-трговија со олеснување на царинењето на пратките. Што би значело тоа за регионот?
– Прекуграничната е-трговија целосно ја смени перцепцијата на Царината во меѓународната трговска арена така што таа стана главен аспект на променливиот свет на производство, трговија и економија што може да овозможи подобри економски можности и зајакната регионална соработка. Во рамките на приоритетите на македонското претседателство со ЦЕФТА Поткомитетот за царина и правила за потекло во 2020 година, е-трговијата беше многу добро прифатена и поддржана од сите страни на ЦЕФТА и особено од Европската комисија и членките на ЕУ.
Во последните три години, ГИЗ и германската влада беа големи поддржувачи и придонесувачи во спроведувањето на повеќегодишниот план за регионалната економска област и исто така ќе продолжат да бидат – во рамките на новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар. Ова ќе вклучува усогласување на законодавството за е-трговија, намалување на трошоците за трансакција и олеснување на царинските постапки во согласност со стандардите, барањата и практиките на ЕУ. Исто така, ќе придонесе за зајакнување на усогласеноста и контролите, како и заштита на легалната трговија и борба против нелојалната конкуренција во регионот и во ЕУ. Царинската управа на Република Северна Македонија како лидер во дигитализацијата на царинските постапки во регионот, високо ја цени можноста да биде партнер во спроведувањето на овој проект.
Главната цел на проектот е малите и средните компании поактивно да се вклучат во прекуграничната е-трговија, што ќе доведе до подобри перформанси на Заедничкиот регионален пазар и постигнување на стратегиските цели на ЦЕФТА и во иднина усогласување со пакет-законите за дигитални услуги на ЕУ.
Е-трговијата нуди огромни можности за бизнис до бизнис (B2B) и бизнис до потрошувач (B2C) трансакции. Најновите податоци за Северна Македонија за првите шест месеци од 2020 година претставуваат раст од 36 отсто во однос на е-трговијата и зголемување од 24 отсто од трансакциите – во споредба со првите шест месеци од 2019 година. Слични бројки се појавуваат и кај останатите ЦЕФТА-членки.
Би сакал да напоменам дека е-трговијата останува да биде високо на агендата и еден од приоритетите на македонското целосно претседателство со страните на ЦЕФТА следната година, но за да се обезбеди поуспешна е-трговија во регионот на ЦЕФТА мора активно да се вклучи и приватниот сектор. Властите треба да поттикнат врски помеѓу мултинационалните компании и домашниот приватен сектор за да го олеснат развојот на технологијата и трансферот на знаења и вештини под заеднички договорени услови, но од друга страна властите исто така мора да осигураат дека приватниот сектор работи на општествено одговорен начин.
Колкава е размената меѓу земјите во регионот?
– Обемот на надворешнотрговска размена со земјите од ЦЕФТА во првите девет месеци од 2020 година изнесува 983 милиони евра. Вредноста на извозот изнесува околу 458 милиони евра, додека вредноста на увозот во првите девет месеци изнесува 525 милиони евра. Со оглед на севкупната состојба со пандемијата и намалувањето на економската активност во регионот и во светот, Република Северна Македонија и во 2020 година бележи задоволително ниво на размена со земјите од ЦЕФТА. Во вкупната надворешнотрговска размена со светот, ЦЕФТА-земјите се втор најзначаен трговски партнер, веднаш по земјите членки на Европската Унија. Во проценти, околу 12 отсто од надворешнотрговската размена на Република Северна Македонија се одвива со земјите од регионот. Со новите активности и мерки за подобрување на царинската соработка, како што се заедничките царински премини, меѓусебното признавање на одобренијата за Овластен економски оператор и на граничните и други документи, очекуваме дека оваа размена во наредната година треба да се зголеми за 2-3 отсто и да достигне 15 отсто.
Во однос на актуелната состојба со пандемијата дали протоколите се почитуваат дали има проблеми со транспортот?
– Царинската управа на Република Северна Македонија во ова предизвикувачко време, кога светот живее во време на пандемија на коронавирусот имаше исклучително сложена и одговорна функција. Покрај финансиските тешкотии за многу компании и граѓани и големи промени во дневните рутини на сите нас, ние во рамките на своите надлежности и овластувања од самиот почеток на корона-кризата интензивно соработуваме со сите економски оператори со цел навремено доставување информации поврзани со увозот и извозот на стоки и нивното прекугранично движење.
Би сакал да потенцирам дека ние како Царинска управа, заедно со другите институции директно или индиректно инволвирани во царинските постапки, секогаш излегуваме во пресрет и даваме поддршка на стопанството преку обезбедување поповолни услови за деловното работење преку воведување нови можности за олеснување и забрзување на царинските постапки и условите за нивно спроведување. Покрај многуте цели што ЦУ ги има зацртано исто така е да биде партнер на деловната заедницата, сервис на граѓаните и постојано да предлага и да спроведува мерки за олеснување на трговијата и транспортот.
Оттука, по јасно позиционираните цели и механизми за олеснување на трговијата што произлегоа во време на корона-кризата, можеме да кажеме дека сите протоколи што заеднички ги создававме во тесна соработка со сите органи и министерства во Владата на Република Северна Македонија, доследно се почитуваат од страна на деловната заедница бидејќи, како што кажав, тие се воведени со цел да се олесни процесот при транспортот.
Какви се приходите од почетокот на годината?
– Царинската управа во секојдневното работење прибрира приходи од царина, ДДВ при увоз, акцизи и посебен данок на моторни возила. Како резултат на пандемијата и намалената економска активност во светот и во Република Северна Македонија, овој тренд до одредена мера се рефлектира и кај наплатените приходи. Сепак, со оглед на сите околности, наплатата на приходи е на задоволително ниво и според ревидираниот план за 2020 година.
Така во првите десет месеци од 2020 година, по сите основи вкупно се наплатени 66,72 милијарди денари. Според планот за наплата на приходи за 2020 година постои повисок степен на реализација 2,71 отсто.
Според видови давачки, во првите десет месеци вкупно се наплатени следниве приходи: царина во износ од 4,67 милијарди денари, ДДВ при увоз во износ од 39,55 милијарди денари, акциза и посебен данок на моторни возила во износ од 21,96 милијарди денари и надоместоци во износ од 0,53 милијарди денари.
Има најавено иницијатива за можност за регистрирање на возилата што во моментов се возат на нашата територија со странски таблички. Дали е познато кога би почнало и кои возила би се опфатиле?
– Царинската управа е државен орган што ги спроведува законите што ги носи Собранието на Република Северна Македонија. На владина седница донесен е Предлог-закон за регистрација на возила со странски регистарски таблици со намалени давачки до 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки и доколку биде усвоен, Царинската управа ќе го спроведува.
Тоа би значело дека возилата со странски регистарски таблички што редовно се регистрирани, кои поседуваат зелен картон за осигурување, се влезени пред 1 октомври 2020 година во нашата држава и ги исполнуваат уловите за регистрација, ќе можат да ги оцаринат и регистрираат возилата согласно одредбите од Предлог-законот што треба да се усвои во Собранието.