Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон е победник на трката од шампионатот во Формула 1 возена попладнево за Големата награда на Бахреин. Британскиот возач и денес потврди дека во моментов е најдобар и заслужено ја освои шампионската титула.
Второто место му припадна на Макс Верстапен од Ред Бул. Неговиот партнер Александар Албон заврши на третата позиција.
На почетокот на трката, пилотот на Хас, Ромен Грожан, доживеа сериозна несреќа. Неговиот болид при удар во заштитната ограда се преполови и експлодира. Грожан е однесен во болница, а трката беше прекината подолго време.
По вториот старт дојде до судир меѓу Данил Квјат и Ленс Строл. Русинот беше казнет со 10 секунди за овој инцидент, а болидот на Строл се преврте, но тој за среќа остана неповреден.
На три круга пред целта се запали автомобилот на партнерот на Строл, Серхио Перез, кој во тоа време беше трет, па трката заврши зад безбедното возило.