Париз преку Француската агенција за развој (ФРА), ќе го поддржи проектот за формирање заеднички регионален пазар на Запеден Балкан усвоен на Самитот на Берлинскиот процес во Софија, со кој годинава прв пат, заеднички копретседаваа една земја членка на ЕУ и земја кандидат за членство – Бугарија и Северна Македонија, вели францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер за МИА. Приоритетна област, додава ќе биде и борбата против климатските промени, зелената економија и обновливите извори на енергија за кои француските инвеститори почнуваат да се интересираат за можностите да дојдат во земјата.
Амбасадорот Бомгартнер појаснува дека генерално, постои тесна врска помеѓу внатрешните реформи што треба да ги спроведат земјите што се на патот на приближување кон ЕУ и барањата и очекувањата на Унијата во врска со нив, во рамките на процесот за пристапување, надвор од она што се нарекува усвојување на „acquis communautaire” (правото на ЕУ).
-Во случајот со Западен Балкан, постои и регионална димензија. Тоа се должи на фактот што постои европска перспектива за шесте земји од овој регион, односно, кога ќе дојде време, нивна определба е да станат земји-членки на ЕУ. Ова се однесува на сите нив, дури и ако состојбата со напредокот варира од земја до земја, а Косово се наоѓа во една посебна ситуација, кога сите земји-членки на ЕУ не ја признале неговата независност. Тоа се должи, помеѓу другото, на фактот што не така одамна, некои од овие земји се соочуваа со конфликтни состојби, тоа што кај други се јавуваат проблеми околу границите или пак историски спорови, додека пак регионалната интеграција е релативно слаба, било да се работи за економска размена или на пример, во областа на транспортот. Берлинскиот процес беше воспоставен токму како обид да се најде решение за таа состојба, вели францускиот амбасадор кој го познава регионот имајќи предвид дека беше заменик амбасадор во Француската амбасада во Софија (2006-2010).
Тој потсеува дека на последниот самит овој месец во Софија, со кој копретседаваа премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, дури иако спорот меѓу овие две земји не беше официјално на дневен ред, настанот имаше големо симболично значење.
-Затоа Франција учествува и го поддржува овој процес и ја поздрави на највисоко ниво неодамнешната иницијатива насочена кон создавање на заеднички регионален пазар. Во однос на ресурсите, прво и основно, на европско ниво, мора да се преземе акција за поддршка на овој регионален проект. Економскиот и инвестициски план, усвоен оваа година за Балканот, предвидува околу 9 милијарди евра и е изготвен во таа насока. На билатерален план пак, големата Француска агенција за развој, ФАР, ќе го поддржи тој процес. Впрочем, Агенцијата веќе започна да спроведува свои активности во неколку земји во регионот. Овде, во Северна Македонија, нацрт-договорот што ќе ја сочинува рамката за нејзино дејствување е подготвен и двете страни го имаат одобрено, останува само да се потпише штом ќе се одреди погоден политички момент во согласност со здравствениот контекст, вели Бомгартнер за МИА.
За усвоената Зелена агенда за Западен Балкан, на виртуелниот Самит во Софија месецов, по моделот на Зелениот пакт на ЕУ, Бомгартнер посочува дека претседателот на Франција ја поздрави оваа регионална иницијатива, како сигнал за приближување и придонес кон напорите на Унијата во борба против климатските промени и за заштита на животната средина.
Тој потсетува на неколку важни европски и меѓународни настани кои се планирани за следниот месец, до самитот за климатските промени „КОП 26″, кој ќе се одржи следната година: Тоа се Европскиот совет на 10 и 11 декември, кој, вели, ќе се обиде уште повеќе да ја зголеми посветеноста на ЕУ, особено постапувајќи според нејзините т.н. среднорочни цели, насочени кон климатска неутралност во 2050 година.
-Веднаш потоа, „Самитот на амбицијата за климата”, ќе претставува важен момент од повторното усвојување на глобалната климатска амбиција, во попоповолен меѓународен контекст, имајќи ги предвид, пред сè, намерите на идната американска администрација. Овој самит ќе им овозможи на шефовите на држави и влади да предложат конкретни програми за постигнување на целите од Парискиот договор, преку позелени, поотпорни и поодржливи процеси. Затоа е многу важно регионот на Западен Балкан да учествува и притоа да го поддржи ова амбициозно движење. Ова е уште порелевантно, со оглед на тоа што регионот е директно под влијание на еколошките проблеми и што јавното мислење, сè повеќе информирано и организирано, врши зголемен притисок со барање за промена која конечно треба да придонесе и овде, за ослободување на економскиот потенцијал на зелената економија, посочува Бомгартнер.
И тука, нагласува тој, европските програми треба да овозможат активна поддршка на ова движење, додека на билатерален план, тоа е приоритетна област која е веќе идентификувана и прифатена за идните активности на Француската агенција за развој.
-Покрај ФАР, Франција располага и со признаена експертиза во областа на обновливите извори на енергија и дека француските инвеститори во овој сектор почнуваат да се интересираат за можностите да дојдат во земјата, додава амбасадорот Бомгартнер.
Коментирајќи ја состојбата со пандемијата со Ковид -19 и есенскиот бран, тој потсетува дека во рамките на ЕУ, оваа пролет беше направен суштински напор да им се помогне на земјите од овој регион, со усвојување на пакет од 3,3 милијарди евра за да се задоволат најитните потреби, како и за справување со подолгорочните последици од кризата предизвикана од Ковид-19.
-Овој напор, на кој се додава и економскиот и инвестицискиот план за Балканот што го споменав погоре, ми се чини дека повеќе соодветствува на потребите и во секој случај не може да се споредува со она што се обезбедува од други места, веројатно со поголем публицитет. Лично мислам дека ова е доказ оти ние Европејците понекогаш повеќе правиме, а помалку зборуваме, заклучува францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.