Северна Македонија и земјите-членки на Европската Унија добија охрабрување од САД да продолжат да бараат решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на земјава во ЕУ. САД, преку помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт Департментот, Филип Рикер во писмото кое го испрати до премиерот Зоран Заев, порачаа дека треба да оствариме прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите со ЕУ.
Рикер, во писмо истакнува дека САД остануваат посветени во поддршката на Северна Македонија за нејзините интеграции кон Европската Унија и изразува разочарување што земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ за нашата земја.
-Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ, пишува Рикер.
Нагласува дека САД остануваат партнери на Северна Македонија, но и оптимисти дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи за време на германското претседателство со ЕУ, кое завршува на крајот на годинава.
Италијански амбасадор во земјава, Андреа Силвестри во интервју за МИА рече дека Италија се бори со сите сили во Советот на министри што е можно побрзо да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија и дека посакува надминување на моменталната блокада, која настана по бугарското вето и апелира на здрав разум до сите.
Според него, европското чекорење на земјите кандидатки треба да се држи на страна од проблематики вкоренети во историјата. Италија со многу храброст и далековидост се справила со своето минато, како земја, која во текот на Втората светска војна беше дел од Тројниот пакт и со барање да се издејствува правда за секој што претрпил неправда и бил обесправен, и на меѓународен и на внатрешен план. Изградбата на италијанската модерна демократија, додава тој, потекнува токму од овие процеси.
Силвестри за МИА вели дека историските процеси треба да им се доверат на историчарите, со цел да се избегнат можни политизирања и поларизации кои воопшто не помагаат при дефинирање на неутрални и споделиви анализи.
Премиерот Зоран Заев, пак вчера, преку својот Фејсбук профил напиша дека во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик и дека сите премрежја, окупации и блокади биле надминати заради желбата за подобро утре и подобар живот.
Вчера се огласи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која од Штип нагласи дека од пораките кои доаѓаат од страна се покажува дека од Република Северна Македонија и Бугарија се очекува да стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото, туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес.
– Она што е јасно денеска е дека пораките коишто доаѓаат од сите главни градови, од сите држави коишто му посакуваат добро на Балканот, Германија и САД. Денеска со писмото на поранешниот наш амбасадор, а високо позициониран во Стејт департментот, Филип Рикер е дека од нас и од Бугарија се очекува да се стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес. Не само во Европската Унија, туку и на Балканот којшто сака да стане нејзин член, нагласи Шекеринска.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, пак, во интервју за Франкфутер алгемајне цајтунг истакна дека прашањето за македонско малцинство во Бугарија што е покренато во неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија кај него предизвикало изненадување. Тој вели дека единствена држава, која би сака да почне преговори за приклучување кон ЕУ со Северна Македонија, дури и повеќе од Германија е Бугарија, но сепак како препрека тука ја спомена историјата.
Борисов за ФАЦ вели дека е вознемирен од насоката во која се развиле настаните и дека од резолуцијата дознал дека постои македонско малцинство во Бугарија. Додава дека со оглед што бугарските социјалисти во ЕП ја поддржале резолуцијата, очигледно тие исто така сметаат дека такво малцинство живее во Бугарија.
Според Борисов компромис со Северна Македонија е можен, но вели дека е потребно да се познава историјата.
-Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва, сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна да ги претворат насилно Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Доколку сега во процесот на приклучување кон ЕУ се појават одредени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе кажат: Борисов ја продава бугарската историја и подлегнува на притисоците на европските патнери, истакна Борисов во интерјуто.
Од СДСМ, пак, на информацијата на ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Христајан Мицкоски во име на националните интереси да излезе и да каже со кои структури во Бугарија соработува овој период.
-Ајде Мицкоски, не се криј зад соопштенија излези и кажи. Дали директно или преку посредници работиш против сопствената држава, се наведува во соопштението на владејачката партија.
Во однос на некакви нови договори со Бугарија, портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов рече дека Договор што веќе е потпишан постои и дека нема потреба и нема да се случи ниту нов Договор, ниту анекс.
-За идентитетот наш македонски, за јазикот наш македонски, ниту се разговарало или преговарало, ниту се разговара или преговара, изјави Костадинов и додаде дека хистеријата што ја шири Мицкоски е исклучиво во функција на штета на сопствената држава и сопствениот народ во еден период коишто е многу важен за нашата заедничка иднина.
Разговорите за надминување на несогласувањата со Бугарија деновиве се водат на ниво на работни групи, предводени од министрите за надворешни работи на двете земји, а македонскиот јазик и македонскиот идентитет се црвените линии во преговорите со Бугарија, кои повеќе пати изминатите денови ги потенцира државниот врв.
За тоа дека нема да има преговори за јазикот и идентитетот, посочи премиерот Зоран Заев уште во четвртокот, одговарајќи на новинарски прашања по интервјуто за БГНЕС, кое предизвика реакции во јавноста. Заев тогаш рече дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори, никаде во светот не се преговара за идентитетот и за свој мајчин јазик