Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) ќе назначи лице кое постојано ќе биде во директен контакт со Министерството за економија со цел континуирана соработка, навремено и транспарентно информирање, како и пренесување на предлозите за подобри политики од двете страни. Ова, меѓу другото, е содржано во Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа СКСЗМ и Министерството.
– Станува збор за многу важен документ. Ние и во минатото сме имале одлична соработка и сме креирале мерки и политики во интерес на бизнисот, но сега со Договорот сме обврзани да ги споделуваме заедничките информации транспарентно и навремено со цел подобрување на условите за бизнис заедницата, истакна министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој напомена дека Министерството останува отворено за соработка.
– СКСЗМ располага со голем број анализи посебно на микро и малите претпријатија кои нам ни се особено битни. Ќе можеме да ги користиме за креирање политики, за рационално користење на средствата и се тоа во насока на освојување нови пазари, промоција и зголемување на извозот, рече Бектеши.
Претседателот на Комората, Неби Хоџа објасни дека лицето што ќе биде назначено од нивна страна, ќе биде вклучено во сите активности во Министерството за економија.
– Кандидатот ќе ги проследува нашите барања до Министерството, а паралелно ќе ја информира Комората за предлозите што доаѓаат од оваа владина институција, рече Хоџа.